Исчезнат српскиот новинар Цветковиќ, кој истражуваше за убиството на Ивановиќ


       
Белград, 14 јуни, 2018 - 11:57 (META) 

Новинарот Стефан Цветковиќ од Бела Црква, кој го истражувал убиството на српскиот политичар на Косово, Оливер Ивановиќ исчезнал синоќа, јавуваат српските медиуми.

Министерството за внатрешни работи на Србија соопштило дека полицијата во Бела Црква го пронашла паркираниот автомобил за кој е утврдено дека го користел новинарот и дека е распишана потрага по него. За овој случај било известено и надлежното обвинителство.

Очевидците сведочат дека автомобилот бил со отворена врата и дека покрај него биле пронајдени лични предмети на Цветковиќ.

„Исчезнувањето на новинарот е повеќе од загрижувачко и очекуваме полицијата итно да утврди што навистина се случило“, изјавиле за агенцијата „Бета“, претседателите на Независното здружение на новинари на Србија, Славиша Лекиќ и Независното друштво на новинари на Војводина, Недим Сејдиновиќ.

„Ако се покаже дека навистина е киднапиран, тоа ќе биде загрижувачки знак дека влегуваме во нова опасна фаза по безбедноста на новинарите во Србија“, изјави Сејдиновиќ.

Цветковиќ во февруари во Белград одржа прес-конференција насловена „Колку чини ликвидацијата на северот на Косово“ и покажа и фотографија на лица кои наводно биле вмешани во ликвидацијата на Ивановиќ, и тврдеше дека тој атентат бил платен 40.000 евра.