!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ирма убиваше на Карибите, се заканува на Куба и на Флорида


       
Сан Хуан, 8 септември, 2017 - 17:03 (META) 

Ураганот Ирма уби најмалку 12 луѓе на Карибите и нанесе катастрофални штети на објекти, пловила и на возила. Некои делови на Карибите се толку уништени што во нив нема никакви услови за живот. Но, ураганот нема да запре таму, туку го продолжува својот пат кон Куба, а се очекува да ја погоди и американската сојузна држава Флорида.

На островот Сент Мартин загинале четири лица, а најмалку 50 луѓе се повредени. Во Порторико има тројца загинати од невремето, а на островите Сент Томас и Сент Џон има исто така три жртви. По еден загинат има на островите Ангила и Барбуда.

На островите Туркс и Каикос ураганот нанесе огромни штети ноќеска, но нема прецизни дојави бидејќи телекомуникациите се во целосен прекин.

Ураганот од петта категорија директно удри на островот Барбуда, на кој живеат 2.000 луѓе. Таму загина двегодишно дете додека со семејството се обидувало да избега од дома. Според премиерот на Антига и на Барбуда, на Барбуда повеќе нема ниту едно живеалиште што не е уништено.

Во меѓувреме, на жителите на Флорида им останува уште еден ден да размислуваат дали ќе се евакуираат или ќе останат во подрумите на своите куќи и во засолништа. Гувернерот на Флорида, Рик Скот, ги повика граѓаните да ги почитуваат предупредувањата. Скот уште вчера нареди затворање на сите јавни училишта, колеџи и универзитети.