!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Интерпелација: Опозицијата го обвини Димитров за кариеризам


       
Скопје, 11 септември, 2017 - 15:26 (META) 

Собранието ја почна расправата за интерпелацијата што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесоа за министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Интепелацијата ја образложи пратеникот Антонио Милошоски, поранешен министер за надворешни работи, кој од собраниската говорница рече дека „единствената идеологија на Димитров е кариеризмот“.

– Видете ја неговата биографија и ќе видете дека кариерата му била приоритет без разлика дали на власт бил Љубчо Георгиевски, Никола Груевски или Зоран Заев – рече Милошоски.

Тој го обвини Димитров за „штетниот“ Договор за добрососедство со Бугарија, за газење на декларираниот принцип на инклузивност со неиспраќањето на Александар Николовски за амбасадор на Македонија во Брисел и за неуспех во регионалната политика, за што како доказ ја наведе трилатералната средба на претседателот на Србија и на премиерите на Бугарија и на Грција. Како четврта причина поради која се бара интепелација на шефот на македонската дипломатија, Милошоски го истакна планот за населување мигранти во земјава, посочувајќи дека имаат „добри информации дека од Македонија се барало и се бара да ги зголеми своите капацитети за прием, населување и за давање права на мигрантите“.

Министерот за надворешни работи во своето образложение на одговорот на интерпелацијата, ја обвини опозицијата за хипокризија во однос на Договорот со Бугарија, регионалната политика и за нејзините декларативните заложби за добрососедски односи од една, и спроведувањето политики на изолација од друга страна.

Тој нагласи дека „неговата идеологија е државниот интерес на Република Македонија“.

Според собранискиот деловник, расправата за интерпелација трае еден ден, а гласањето по неа може да биде најдоцна до полноќ.

Пред почетокот на расправата за интерпелацијата на Димитров, пратениците со 77 гласа „за“ ги изгласаа измените на Изборниот законик со кои Движењето Беса, како втора опозициска партија што на последните парламентарни избори освоила најмногу пратеници, сега ќе има член во Државната изборна комисија наместо ДПА.