Инфраструктурата и енергетиката, теми на Инвестицискиот самит во Лондон


       
Лондон, 27 февруари, 2018 - 10:43 (META) 

Инфраструктурното и енергетското поврзување на земјите од Западен Балкан биле едни од главните теми за кои, премиерите на земјите од Западен Балкан, разговарале на „Регионалната инвестициска платформа“ на Инвестицискиот самит за Западен Балкан во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), што се одржа во Лондон.

„Зборувавме за Коридорот 8 и Коридорот 10, но и другите коридори кои поминуваат низ другите земји. Се работи за сериозни финансиски средства. Само проценката на Коридорот 8, во деловите во Македонија, Бугарија и Албанија, е две милијарди евра. Се зборува за железничкото и патното поврзување, но и со можност да се пуштат и оптички кабли заради дигиталната агенда и поврзаноста на регионот. Зборувавме за проекти кои значат поддршка на енергетиката, производството, енергетското поврзување, но и секако поддршката на компаниите кои треба да инвестираат во овој регион“, изјави премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека преку овие крупни инфраструктурни проекти финансирани од ЕБОР, ќе им се даде многу работа на домашните компании, а ќе се привлечат и голем број на инвестиции.

На панелот „Одржлив регионален енергетски модел“, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев изјави дека енергетската иднина на земјите од регионот на Западен Балкан ја гледа во создавање на еден заеднички енергетски пазар, без административни граници.

„Доколку сакаме одржлив енергетски систем во регионот, верувам дека формирање на еден заеднички енергетски пазар, единствена регионална берза и воведување на универзален снабдувач за електрична енергија и гас е вистинско решение. Додека не стигнеме до тоа решение Владите треба да работат на унапредување на меѓусебната соработка и отстранување на административните бариери за слободен проток на енергија“, рече Анѓушев.