fbpx

Борба против корупција: Имаме закони, ни требаат луѓе што ќе ги спроведат

-

„Нема клетка во Македонија во која нема корупција“,  „борбата со корупцијата тешко ја водат слаби институции“, таа е „патриотска должност“, но треба да ја предводат силни институции – за неа „имаме закони, но ни требаат луѓе што ќе ги спроведат“, сметаат експертите за доброто владеење и корупцијата во Македонија. Состојбата, која кулминира со самораспуштање на последниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), е очигледна, но и нотирана во ноза извештаи – од Извештај за проценка на корупцијата во Македонија за 2018 година на Европската комисија, преку  Индексот за перцепција на корупција на „Транспаренси интернешнел“ до домашните анализи и извештаи, како Извештајот за проценка на корупцијата во Македонија за 2018 година на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Раширена, неказнива,непријавена

Трендот на зголемување на коруптивниот притисок и вклученоста во корупција продолжува. Корупцијата останува неказнива во Македонија. Граѓаните не пријавуваат корупција, нотира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во својот последен Извештај за проценка на корупцијата во Македонија за 2018 година.

Како најкорумпирани, според извештајот, се перцепирани судиите и јавните обвинители, а распространетоста на корупцијата во правосудниот систем и натаму останува најперципирана од граѓанит, кои не се оптимисти за искоренување на корупцијата.

Министерството за внатрешни работи, Владата и Специјалното јавно обвинителство уживаат најголема доверба како институции за справување со корупцијата, а довербата во Антикорупциската комисија бележи континуиран пад.

– Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да представува сериозен проблем. Капацитетот на институциите сериозно да се справуваат со корупцијата покажува структурни и оперативни недостатоци – наведува Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Република Македонија од 2018 година.

Сликата ја надополнува Индексот за перцепција на корупција, што од 1995 година го објавува „Транспаренси интернешнел“, според кој Македонија минатата година, со индекс 35 била најслабо рангирана од 2010 година. Македонија лани се пласирала во ранг на Виетнам и Етиопија.

Патриотска должност, но пред се на институциите

Корупцијата особено се јавува во земјите во транзиција, смета Владимир Георгиевски, државен советник во Секретаријатот на ДКСК.

– Таа успева во контексти каде има широки можности да бидат искористени за одредена добивка слабите општествени контролни системи… Се врш силен притисок на луѓето во јавната администрација – вели Георгиевски.

Неизвесноста за иднината кај државните службеници и страов од политичка репресија од промена на власта се главни мотиви за корупцијата, смета Ване Цветанов од „Зелена лупа“, поранешен директор на Управата за спречување на перење пари и финансирање тероризам, денешната Управа за финансиско разузнавање.

Од друга страна, борбата против корупцијата е должност на секој чинител во општеството, смета Розета Трајан, генерална секретарка на Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупција.

– Ќе го цитирам поранешниот американски потпретседател Џо Бајден кој вели: „Борбата против корупција не е само добро владеење. Таа е самоодбрана. Таа е патриотизам“. Само општество коешто е ослободено од корупција може да биде општество кое е фокусирано кон прогрес, напредок, развој и просперитет. Поради сето тоа, создавањето на општество ослободено од корупција треба и мора да биде приоритет и императив – нагласува Трајан.

Има закони, ни требаат луѓе кои ќе ги спроведат

Но, професорката Мирјана Најчевска застапува спротивен став.

– Не мислам дека граѓаните се должни да се борат против корупцијата. Тоа е задача на владејачката структура, да се избори против корупцијата, доколку навистина го сака тоа. Моќниците ги корумпираат граѓаните, а не обратно! – рече Најчевска.

Најчевска смета дека борбата против корупцијата не се води со „апели, промотивни кампањи, билборди и телефони за пријавување корупција“

– Ни требаат независна институција од која сите ќе се плашат. Ни требаат луѓе, има закони, ни требаат луѓе што ќе ги спроведуваат и власт што ќе ги спроведува. Власт што навистина сака да се бори со корупцијата не распишува конкурси, зема, избира луѓе, најборбените, најкомпетентните, тие од кои сите се плашат. Инситуциите вредат колку луѓето во нив. Ни требаат луѓе кои сакаат да се изборат и ним им се дава можност – категорична е Најчевска.

Власта најавува нов систем против корупција

Токму луѓето се во фокусот на новиот закон за спречување на корупцијата, кој е во собраниска процедура. Законот предвидува пошироки надлежности за Антикорупциската, но и нови, построги и потранспарентни, критериуми за избор на нејзините членови.

Новиот закон, покрај тоа што треба да донесе нова комисија со „чист образ“,е дел од нов, ефикасен систем за спречување корупција, што е едеинод приоритетите на Владата,  најави премиерот Зоран Заев. Интегритетот е во фокусот и на законските измени кои се однесуваат на судството.

Новиот закон за спречување корупција во целост е солидно законско решение, смета Розета Трајан,  кое ги зело предвид сите забелешки и препораки на Европската комисија, извештајот на Прибе (група експерти на Европската комисија за владеење на правото) и Групата земји против корупцијата (ГРЕКО).

– Претпоставува комисија со интегритет, објективна, независна и слободна од политички притисоци. Ова е најбитно – оценува Трајан.

Но, додава, неопходни се силни механизми кои ќе ја контролираат ДКСК

– Да не дозволиме повторно да имаме корупција во Антикорупциската (поголема транспарентности соработка со јавноста. Најважно е граѓаните да и веруваат на ДКСК – вели Трајан.

Игор К. Илиевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...