fbpx

ИДСЦ: Планот „3-6-9“ е несоодветно подреден, а „тројката“ е нецелосно исполнета

-

Наспроти тоа што го кажа Владата, дека делот „3“ од планот „3-6-9“ е целосно исполнет, активностите предвидени за првите три месеци од реформскиот план се само делумно реализирани. Исто така, во планот има несоодветно подредување на приоритетите, па некои побитни се сместени подолу во редоследот на важноста, велат од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ од каде го презентираа својот прв извештај за првиот дел од владиниот план.

Oд вкупно 73 наведени активности што треба да се реализираат во првите три месеци, целосно се исполнети 41 отсто, додека делумно исполнети се 16 отсто, а неисполнети 14 проценти од активностите. Исто така, 29 отсто од активностите се оценети како немерливи, бидејќи или се работи што се редовна работа на владата или нема веродостојни извори според кои ќе може да се утврди дека се реализирани или, пак, се активности што не може јасно да се измерат.

Како пример за тоа беше нагласено дека како мерка, се наведува препорака „Владата го  охрабрува Судскиот совет да ги поттикне судиите да пријавуваат политички или друг вид притисок“.

Дополнително, и во областа на медиумите, делот „3“ предвидува преглед на сите досегашни случаи на физички и вербални напади и притисоци врз новинарите, но не кажува ништо за тоа како ќе се постапи со случаите на тужби за клевета кон новинарите од страна на политичарите, кои често се употребуваат како притисок врз медиумите, се вели во извештајот.

Владата, исто така, има несоодветно редење на приоритетите, па наместо на осмото место, реформите на судството би требало да се најдат на првото, рече на презентацијата на извештајот Марко Трошановски од „Социетас цивилис“. Според него, втора по приоритет треба да биде реформата на администрацијата, а веднаш потоа и неопходните активности за разузнавачките служби.

Во извештајот подготвен од Зоран Нечев и од Иван Николовски, се нагласува и дека Собранието, односно пратениците, мора да поттикнат реформи кои ќе придонесат за негово поефикасно и посуштинско функционирање, односно законодавниот дом да ја врати својата улога на контролор и токму таму да се постигне натпартиска сплотеност за неопходните чекори за добивање безусловна препорака од Европската комисија за почеток на преговорите.

Дали Македонија во јуни следната година ќе може да ги почне преговорите за придружување на Европската Унија, како што најави вицепремиерот Бујар Османи, според Трошановски зависи од квалитетот и од брзината на исполнувањето на целите препорачани пред сè во првиот извештај од експертската група на Прибе.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...