fbpx

И со зголемен буџет, на АРМ ќе и треба најмалку една деценија да се доопреми

-

На АРМ ќе и требаат најмалку четири години за со најавените буџети, кои ќе се зголемуваат, да го купи само минималниот неопходен број на оклопни транспортери, а најмалку една деценија за да ја купи сета потребна опрема, покажуваат пресметките направени врз основа на постоечката формација на АРМ и проекциите на Министерството за финансии во Фискалната стратегија за 2019-2021 година.

Владата на седница на 25 септември ја прифати информацијата за планирање на опремувањето и модернизацијата на армијата на Република Македонија во предлог-буџетот на Министерството за одбрана за периодот 2019 – 2021 година.

„Приоритет во опремувањето и модернизацијата имаат декларираните сили за НАТО/ПзМ (Партнерство за мир) активности прифатени во рамките на НАТО Процесот на планирање и преглед (PARP), вклучително и Лесната пешадиска баталјонска група како најголема декларирана борбена единица со која Република Македонија придонесува во НАТО базенот на сили“, соопшти Владата.

По овој документ, Министерството за одбрана треба да почне да планира повеќе пари за опремување во буџетот за следната година, кој се подготвува. За опремување треба да бидат наменети 20 отсто од парите за одбраната.

Според Фискалната стратегија на Република Македонија за 2019-2021, министерството за финансии предвидува дека буџетот на одбраната, кој сега е 106 милиони евра, ќе расте по околу 200 милиони денари или 3,2 милиони евра годишно во следните три години. АРМ, според овие проекции, во следните три години ќе има околу 65 милиони евра за нова опрема од сопствениот буџет. Но, одбраната до 2024 година треба да добие двојно повисок буџет, кој треба да изнесува 2 отсто од бруто домашниот производ, со што за опремување ќе бидат наменети по околу 40 милиони годишно.

За да ја опреми само Лесната пешадиска баталјонска група, на АРМ и требаат меѓу 34 и 40 пешадиски борбени возила или оклопни транспортери. Според сегашните цени, еден чини меѓу 2,5 и 3 милиони евра, но само како платформа, без целосно вооружување и опрема. Оклопните транспортери само за еден баталјон би чинеле меѓу 80 и 120 милиони евра, или во најевтината варијанта на АРМ би и требале најмалку четири години за со својот буџет да ги купи само транспортерите за еден баталјон.

За целосно да се опреми сегашната механизирана пешадиска бригада на АРМ, која има четири баталјони, ќе бидат потребни меѓу 136 и 160 оклопни транспортери, што би чинело од 340 до 480 милиони евра само за платформите-возилата без вооружување.

Покрај оклопните транспортери или пешадиски борбени возила, според Стратегискиот одбранбен преглед усвоен во јуни, на АРМ и требаат и тактички комуникациски систем, инженериски машини и опрема, опрема за сајбер-одбрана, воени транспортни возила, орудија за посредна огнена поддршка, индивидуална и колективна опрема за атомско-биолошко-хемиска одбрана и балистичка заштита, опрема за извидување, разузнавање, набљудување и определување на цели, комуникациска опрема…

Според овие проекции, АРМ би можела сама да ги опреми декларираните единици со буџетите за следните десет години. Но, не и целата своја формација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...