!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

И со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ немаме разлики за употребата на албанскиот јазик, изјави Османи


       
Скопје, 4 февруари, 2017 - 10:24 (META) 

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, синоќа во емисијата „Топ тема“ на „Телма“ изјави дека и со ВМРО-­ДПМНЕ и со СДСМ се усогласиле за примената на албанскиот јазик.

– Првпат немаме никаква разлика со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ за етничките прашања. Ако досега целата дилема беше околу членот 5 од Уставот, дали употребата на албанскиот јазик е на локално ниво или на ниво на целата држава, ви кажувам дека немаме разлика по етничките прашања. Тоа е доволна порака дека со двете македонски партии сме во фаза да немаме разлики. Ова е големо достигнување во македонско- албанските односи кое сега само треба да се материјализира“, рече Османи.

Во емисијата, тој рече дека во преговорите со ВМРО-­ДПМНЕ не успеале да се договорат за точката која се однесува на правната држава, односно за Специјалното јавно обвинителство и за препораките на Прибе.

Тој исто така истакна дека ДУИ ќе ги даде своите потписи откако ќе постигнат договор за нова влада.

– Се деградира суштинскиот процес, ако се симплифицира на давање потписи. Декларативно не траба да се даваат потписи. Кога ќе има договор за влада, тогаш ќе се потпишеме. ДУИ нема да дозволи процесот да се симплифицира со давање потписи – изјави Османи.

Портпаролот на ДУИ рече дека процедурата за давање мандатот за новата влада може да трае до недоглед бидејќи во моментов нема рок до кога треба да се донесат потписи за мандат, а ако има мандат, тогаш рокот е само 20 дена.