Од минатогодишното 107 место од 180 земји според степенот на перцепција на корупцијата, годинава Македонија „скокна“ на 93 место, но сеуште е на дното во регионот, објави вчера „Транспаренси интернешнел“. Земјава годинава е оценета со индекс 37, а лани индексот бил 35, на скалата од еден до 100, каде што поголемиот индекс значи земја послободна од корупција.
Во регионот, најдобро рангирана е Словенија со индекс 60 на 36 место, Хрватска со 48 на 60 место, Грција и Црна Гора со индекс 45 на 67 место, Бугарија со индекс 42 (77 место), Србија има индекс 39 (87 место), Босна и Херцеговина 38 (89 место), Косово и Македонија имаат идентичен индекс и позиција, следи Албанија со индекс 36 и 99 место.
Во анализата, „Транспаренси“ истакнува дека и покрај строгите услови на ЕУ за сузбивање на корупцијата и обезбедување на институции ослободени од политичко влијание, многу влади низ регионот не успеаја да покажат вистинска посветеност на демократијата и владеењето на правото.
– Карактеристично, многу од овие држави не успеаја да објават доволно информации за финансирањето на изборните кампањи и на политичките партии. Без потребните проверки и баланс во земјите во регионот, страдаат институциите и опстојуваат недемократските практики. Додека владите тврдат дека даваат приоритет на сузбивањето политичка корупција, во реалноста не преземаат конкретни чекори. Тоа ја поткопува довербата на граѓаните во сопствената влада, како и во меѓународните тела и договори, и придонесува кон поголема корупција. Имајќи ја пред вид ваквата тмурна реалност, се појавува вознемирувачки тренд – висококорумпираните земји со лош индекс на перцепција на корупцијата вообичаено имаат кревки демократски институции, а нивните граѓани имаат послаби политички и граѓански права – заклучува „Транспаренси интернешенел“.
Минатата година Македонија го делеше местото на ранг-листата со Ерменија, Етиопија и Виетнам, годинава со Гамбија, Гијана, Косово, Монголија и Панама.