Општина Битола донесе одлука да ја откаже новогодишната прослава на плоштадот Магнолија и парите да ги пренасочи за хуманитарни цели.
Како што извести на денешната прес-конференција градоначалникот Владимир Талески, дваесетина дена размислувале како да постапат, по што денеска одлучиле прослава да има само за децата за кои ќе бидат одиграни четири детски театарски претстави, како и музичка забава.
– Парите наменети за новогодишната ноќ, најголем дел, ќе бидат насочени за Заводот за рехабилитација за деца со оштетен слух, како и за социјално погодени семејства – рече Талески.
Иако не прецизираше, тој напомена дека сумата што оваа година требаше да се потроши за прославата од општинскиот буџет изнесувала околу 1 милион денари.
На социјалните мрежи деновиве се појавија многу твитови за откажувањето на новогодишните прослави организирани од општините, меѓу кои и овој за Општина Битола.
И во Битола се откажаа новогодишните прослави, градоначалникит совреме си ги зеде парите
— Џони Тапиа (@cile_ciki) December 21, 2016
Талески е еден од осомничените во случајот „Транспортер“, што го отвори СЈО и кој се однесува на злоупотреба на средства од општинскиот буџет за превоз на ученици.