!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хрватскиот славист Гашпаровиќ – добитник на Светската награда за хуманизам за 2016 година


       
Охрид, 27 ноември, 2015 - 16:17 (META) 

Дарко Гашпаровиќ, хрватски славист, член на хрватската Акaдемија на науки и уметност, книжевен теоретичар и театролог со меѓународно реноме и светски познат екуменист, е добитник на Светската награда за хуманизам за 2016 година, која по десетти пат ја доделува охридската Академија на хуманизам.

По одлуката на седумчленото интернационално жири, чиј претседател е ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, Јордан Плевнеш, Гашпаровиќ истакна дека наградата особено му значи, бидејќи следната година Македонија, целокупниот словенски свет, како и цела меѓународна јавност, ќе ја одбележат илјада и сто годишнината од смртта на Св. Климент Охридски, основачот на првиот словенски универзитет и ученик на Св. Кирил и Методиј, кои беа прогласени за заштитиници на Европа.

Наградата ќе му биде доделена за време на празнувањето на Водици 2016 година, во куќата Уранија на МАНУ.

Во исто време на Долна Порта во Охрид ќе биде промовиран проектот „Охрид град на светскиот хуманизам” од Академик Светлин Русев од Бугарија, кој е и еден од досегашните добитници на ова високо светско признание.

Носители на ова признание, десега, биле Даисаку Икеда, Маноел Де Oливеира, Александар Солженицин, Рави Шанкар, Питер Брук, Вида Огњеновиќ, нобеловката Херта Милер, Светлин Русев и Џон Ралстон Сол.