!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Холандските туристи ја отворија летната сезона во Охрид


       
Охрид, 2 мај, 2017 - 13:32 (META) 

Првиот сезонски чартер-лет со 180 патници од Амстердам, кои допатуваа со авиокомпанијата „Корендон“ на аеродромот „Св. Апостол Павле“, ја отвори летната сезона во Охрид.

– Покрај редовните линии кои ги имаме преку целата година на охридскиот аеродром – за Базел, Цирих и за Лондон, како и традиционалните чартер-летови од Холандија, ова лето ќе продолжат сезонските летови кои ги отворивме во 2016 година од Белград, Брисел и од Тел Авив, додека нови чартер-летови од Полска ќе почнат од 22 јуни. Еднаш неделно 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското Езеро, благодарение на договорот што го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Ова лето на охридскиот аеродром се очекува да слетаат 183 авиони од Амстердам, со авиокомпаниите „Корендон“ и ТУИ, кои ќе донесат повеќе од 28.000 холандски туристи, информираат од компанијата.

Во исто време, од мај до октомври 2017 година, со сезонските летови, на охридскиот аеродром се очекуваат околу 2.000 патници од Брисел со „Томас Кук“, потоа 2.300 патници од Белград со „Ер Србија“ и околу 2.600 патници од Тел Авив со „Аркиа“.