!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Хоџај: Приштина не може да каже со кого да коалицираат Албанците во Македонија


       
Тирана, 17 февруари, 2017 - 14:46 (META) 

Во Македонија не треба да се постигне административен договор, туку политички, меѓу албанскиот фактор и македонската партија која ќе го добие мандатот, за идната владејачка коалиција да го реши еднаш засекогаш прашањето со употребата на албанскиот јазик, рече вчера косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај гостувајќи во емисијата „Арена“ на албанскиот телевизиски канал „Ора Њуз“.

Тој им порача на македонските Албанци дека треба да бидат прозападен фактор, како и дека некои македонски политичари се задржуваат во власта злоупотребувајќи го спорот за името со Грција.

Водителот Дритан Хила рече дека, според него, Косово има поголемо влијание во македонската политика отколку официјална Тирана, и праша што би било најдобро за албанските политичари – да коалицираат со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ?

– Ние од Приштина не можеме да кажеме кој би бил најдобриот партнер или која партија е најдобро да направи владеачка коалиција, но нашиот став е дека сега е моментот кога сите албански партии мора да се надминат себеси и да се погрижат дека основните интереси на албанската заедница, Албанците таму да бидат претставени на најдобриот можен начин – рече Хоџај.

Тој порача дека македонскиот буџет мора да се троши пропорционално, нагласувајќи дека Албанци живеат на половина од територијата на Македонија, и им порача на македонските Албанци дека мора да дејствуваат прозападно.

– Апсурдно е во 2017 година Албанците, кои не се малцинство, а кои се историски присутни во Македонија и имаат јасен идентитет, живеат на половина од територијата, да немаат право да го користат албанскиот, како официјален јазик. Распределбата на буџетот на Македонија мора да биде правопропорционално со демографските факти и интересите на Албанците. Затоа и општините мора да имаа моќи и овластувања со кои ќе го подобрат животот на граѓаните. Но над се, Албанците мора да бидат прозападен фактор кој ќе спроведува прозападна политика, која не само што ќе ја поддржува функционирањето на државата во Македонија, туку и е поддржана од нашите партнери, без разлика дали САД или Европа  – рече Хоџај.

Шефот на косовската дипломатија порача дека Албанците во Македонија имаат уште една улога, за поттикнување побрзо разрешување на проблемот со името и за ЕУ и НАТО интеграциите.

– Косово би имало уште една граница со НАТО. Граничиме со Албанија, Црна Гора, и  ако добиеме и трета членка на НАТО во Македонија, тоа би било многу одлично. Ќе биде одлично и ако Македонија напредува со ЕУ агендата – рече Хоџај.