„Хилтон“ во Скопје е инвестиција од 50 милиони евра, позитивен знак за бизнис-климата


       
Скопје, 7 февруари, 2019 - 10:03 (META) 

„DoubleTree by Hilton Skopje”, најновиот во синџирот луксузни хотели на реномираниот бренд, официјално почна со работа на 1 јануари годинава.

„Многу важно е тоа што Македонија на овој начин покажува дека со доаѓање на ваков бренд, бизнис-климата е стабилна и даваме поттик и на другите компании да инвестираат во нашата држава. Беше предизвик да направиме еден тим кој ќе бидат обучени по стандардите на „Хилтон“, а со тоа се дава голем придонес во комплетното хотелиерство во Македонија. Ние успевме да креираме тим од Македонија и овозможивме да останат во ова време на одлив на млади луѓе, што сметам дека е важен сегмент за нашата држава. Успеавме да донесеме 30 наши луѓе кои работеле надвор во „Хилтон“ да си ја продолжат кариерата во Македонија“, објаснува Даниела Адемоска, директорка и сопственичка на хотелот, на вчерашното отворање на „Roof Bar 55“, кој се наоѓа на покривот на хотелот.

Таа смета дека со доаѓањето на овој бренд, ќе се подигне нивото на хотелската етика и на хотелските вредности не само во Македонија туку и во поширокиот регион. Собите и ентериерот се изградени по точна спецификација на брендот „Хилтон“, која е најважна за да се влезе во ланецот.

Хотелот располага со 170 соби, меѓу кои има 15 луксузни апартмани, од кои еден е претседателски и се простира на 200 метри квадратни. На гостите и на посетителите на располагање им се луксузен спа и фитнес центар на површина од 1.400 метри квадратни во чиј склоп се наоѓаат затворен базен, традиционална турска бања, сауна, џакузи …

Целиот хотел се простира на површина од 25.000 метри квадратни, со затворен паркинг кој може да прими 150 возила и со дополнителен отворен паркинг наменет за 200 возила. Изграден е од најквалитетни еколошки и енергетски најефикасни материјали, а целата инвестиција во овој хотел изнесува 50 милиони евра.

Со отворањето на хотелот во Скопје, светски познатиот бренд „Хилтон“ кој има стогодишна историја, сега е присутен во 110 земји во светот. Под овој реномиран бренд има 5.500 хотели во кои во изминатите 100 години престојувале над три милијарди гости.