!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хелсиншки комитет: Во изминатите три години само на пет лица им е доделен статусот бегалец


       
Скопје, 7 септември, 2017 - 16:20 (META) 

Во текот на изминатите три години во Македонија биле поднесени вкупно 2.243 барања за признавање на правото на азил од страна на 2.717 лица. Од нив, на само пет лица им е доделен статус на признаен бегалец, а на само 11 лица им е доделена супсидијарна заштита, информираат од Хелсиншки комитет, од каде нагласуваат дека Македонија е транзитна земја за бегалците, а не крајна дестинација.

„Спротивно на ова, во јавноста се поведе инцијатива заснована врз лажни податоци, според која Република Македонија требало да се подготви за сместувањето и за интеграцијата на бегалци. Јавната дебата која се разгоре беше проследена со високо ниво на ксенофобичен говор на омраза кон бегалците, поистоветувајќи ги со терористи, со навредливи и понижувачки пораки, кои повикуваат на спречување на нивното населување во државата. Се поведоа неколку граѓански иницијативи, наменети за собирање потписи на граѓаните против населување на мигранти, кои непрекинато поттикнуваа и провоцираа говор на омраза. Иако поведувањето граѓански иницијативи и распишувањето референдум за испитување на мислењето на граѓаните се демократски и законски дозволени механизми, неопходно е тие да не провоцираат и да не поттикнуваат омраза кон одредена целна група, во овој случај бегалците“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет предупредува дека континуираното ширење и поттикнување на говорот на омраза кон бегалците, може лесно да води кон дела од омраза. Од почетокот на 2015 година до денес Комитетот има регистрирано 34 дела од омраза, сторени кон бегалци или мигранти на територијата на Република Македонија.