Хелсиншки комитет: Граѓаните в недела ќе може да пријават повреда на избирачко право


       
Скопје, 28 септември, 2018 - 13:21 (META) 

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги известува граѓаните дека в недела, канцеларијата на Комитетот ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на референдумското изјаснување.

„Комитетот ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот, кој се наоѓа на улица Наум Наумовски Борче бр. 83. Доколку ви е потребна мапа за локацијата на Комитетот можете да ја најдете на нашата веб-страница http://mhc.org.mk/pages/contact. Доколку граѓаните не се во можност да дојдат до нашите простории, случаите на повреда на избирачкото право можат да ги пријават и преку отворената фиксна и мобилна телефонска линија: +389 (0)2 3119 073 и +389 (0)72 278 436.Покрај личното и телефонското пријавување овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk“, се вели во соопштението.

Од Хелсиншкиот комитет додаваат дека граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно.

„Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност. Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Комитетот и нема да бидат објавени без претходна дозвола од граѓаните кои ја пријавиле повредата“, потенцираат од Хелсиншки.