Хан: ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од деструктивниот пристап


       
Брисел, 9 октомври, 2018 - 10:08 (META) 

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, во интервју за австриски „Стандард“ вели дека е запознаен со закани од страна на опозицијата против пратеници кои сакаат да ја напуштат партиската линија и да го поддржат Договорот со Грција во Собранието.

Тој од ВМРО ДПМНЕ побарал да се откаже од, како што вели, деструктивниот пристап, и интересите на земјата и граѓаните да ги стави пред партиските. Додава дека партијата целосно ќе ја сноси одговорноста за затворањето на вратите на ЕУ за Македонија, ако не помине Договорот.

-Ова е целосно неприфатливо за партија која вели дека е про-европска, демократска партија – изјавил Хан.

Тој потсетува дека евроатлантската интеграција е декларирана цел на ВМРО-ДПМНЕ, но дека партијата тоа треба да го докаже на дело и дека Договорот со Грција ги отвора токму вратите за интеграција во ЕУ и НАТО.

За еврокомесарот референдумот бил чисто консултативен и огромно мнозинство од граѓаните се изјасниле „за“.

– Повиците за бојкот сведочат за недостаток од демократската зрелост – смета еврокомесарот.

Хан вели дека предвремени избори носат ризик од пробивање на поставените рокови за Договорот за името и изрази сомнеж дали Грција ќе биде во можност да го усвои во својот Парламент. Тој додава и дека нови избори не се гаранција за потребното двотретинско мнозинство.

– Сега постои шанса што треба да се искористи, во спротивно оваа единствена шанса да помине Договорот и со тоа патот кон членство во ЕУ може да се изгуби за долго време, можеби засекогаш – изјави Хан.

Тој додава дека ВМРО ќе биде целосно одговорно за таквото сценарио и пропуштената шанса што е важна не само за Македонија, туку и за целиот регион.