Хан: Уверен сум дека преговорите со ЕУ ќе почнат следната година


       
Брисел, 27 јули, 2018 - 10:21 (META) 

Во разговор за европскиот весник „Политико Европа“, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, вели дека е „уверен“ дека преговорите со Македонија и Албанија ќе почнат следната година.
Во интервјуто Хан објаснува и дека со двете земји е почната подготвителната работа, што претходи на отворањето на преговорите со ЕУ.

– Ова е многу комплетна работа и се надевам дека ќе можеме да ја завршиме за една година до 14 месеци. Целта е да се добие зелено светло од сите земји членки до средината на следната година – вели Хан потсетувајќи на агендата на Советот на ЕУ во јуни 2019 година да се наврати на почетокот на преговори со Македонија и Албанија, кога земјите членки треба да дадат зелено светло доколку поставените услови се исполнети.

За Македонија тие услови се однесуваат на реформата на безбедносните служби, јавната администрација и борбата против корупцијата, вклучително и високиот криминал.

Еврокомесарот се наврати и на француската блокада на проширувањето, која ги иритираше повеќето земји членки и Европската Комисија.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, смета дека не може ЕУ да се проширува пред самата реформски да се продлабочи, аргумент на кој Хан одговара дека процесите можат да одат паралелно. Еврокомесарот потсетува дека граѓаните на Западниот Балкан „имаат право да станат ЕУ граѓани“ и дека ЕУ се „соочува со избор дали ќе извезува стабилност во регионот или ќе увезува нестабилност во ЕУ“.

-Мојата поента е можеби малку поразлична од претседателот Макрон, можеби можеме да го убедиме дека двете работи мора да се прават паралелно – вели Хан за „Политико Европа“.

Едно од предупредувањата на Хан зошто ЕУ треба да се рефокусира на Балканот е што другите големи сили сѐ повеќе се вртат кон Балканот. Иако најчесто во тој контекст се споменува Русија, еврокомесарот потсетува и дека кинеските инвестиции се сѐ поголеми.

Хан алармира дека земјите во регионот би можеле да станат „тројански коњи“ на Пекинг, што еден ден ќе станат членки на ЕУ. Еден од примерите кои ги наведува Хан е изградбата на автопат во Црна Гора, финансиран од Кина.

– Мислам дека треба да бидеме внимателни на стратегискиот концепт на Кина и да реагираме на соодветен начин, мислам дека ова ќе биде еден од големите предизвици на Европа – вели Хан.