Хан: Решение за спорот за името е можно со лидерство и државништво


       
Брисел, 7 февруари, 2018 - 11:44 (META) 

Европскиот комесар за проширување соседска политика Јоханес Хан, во разговор за „Дојче веле“ вели дека очекува во блиска иднина да има решение во спорот за името меѓу Македонија и Грција.

– Потребно е лидерство и, ако сакате, и државништво не само да се најде решение, туку и за да се постигне согласност и да се обезбеди неопходното политичко мнозинство. Тоа е предизвик за лидерите во двете земји. Јас сум во постојан контакт со нив, и тие се многу посветени и знаат дека е важно да се најде решение затоа што таков нерешен проблем не може да остане меѓу две земји среде Европа – вели Хан.

За протестот „Македонија е грчка“ во Атина во неделата вели дека би бил на погрешна функција доколку лесно би му влијаеле такви настани.

– Тоа е дел од нашата секојдневна работа. Тоа е предизвик, но работиме за подобра Европа, а подобра Европа значи подобри животни услови за нејзините граѓани, особено во регионот, а тоа има влијание и врз нас во ЕУ. Ова е спор кој трае долги години. Постојат одредени чувства, особено во Грција, но знам дека актуелната грчка влада е посветена да го реши овој проблем, да најде решение со својот сосед. Уверен сум дека тоа може да се постигне во блиска иднина – додава Хан.