fbpx

Хан: Прво е потребен позитивен извештај од ЕК, а потоа и согласност од 27 членки за преговори

-

Формирањето на новата влада е позитивен развој кој го рефлектира демократскиот исход од изборите од декември, порача еврокомесарот Јоханес Хан на заедничката прес-конференција во Брисел со премиерот Зоран Заев.

– Македонија сврти нова страница по политичката криза, која траеше предолго. Ова е нов почеток, но има многу за работа за да се спроведат реформските приоритети – рече Хан.

Тој истакна дека е охрабрен од позитивните планови што му ги презентирал премиерот Заев и дека Европската Унија останува посветена да помогне во спроведувањето на реформите. Во контекст на помошта, Хан го спомена и доаѓањето Рајнхард Прибе и на експертскиот тим во Македонија, кој ќе ѝ помага на земјата во спроведување на забелешките од извештајот на Прибе и на реформите.

Премиерот Заев истакна дека на средбите со високите претставници на ЕУ се согласиле дека сега се потребни повеќе од кога и да е охрабрувачки сигнали за евроинтеграциите.

– Членството во ЕУ е клучна стратешка цел на Македонија. Имаме цел да ги почнеме преговорите за членство што е можно побргу – рече Заев, додавајќи дека процесот на чекање трае предолго.

Заев истакна дека ќе продолжат да работат на реформите во судството, администрацијата и на спроведување на другите препораки за да се отстрани условеноста на препораката за преговорите. Тој истакна дека ќе работи на подобрување на добрососедските односи, поради што првата официјална посета ќе му биде на Софија, каде со премиерот Бојко Борисов ќе разговара за начините за унапредување на состојбата.

На прашање дали Владата има капацитет да испорача резултати за Европската комисија наесен да даде препорака за преговори, Заев рече дека уште пред формирањето на владата испратиле пораки за соработка и до опозицијата и до граѓанскиот сектор за брзо чекорење кон добивање датум за преговори за членство во ЕУ.

Еврокомесарот Хан, прашан дали ЕУ е подготвена да најде решение за отворање на поглавјата 23 и 24, што би било знак за вистински исчекор, рече дека прво е потребен позитивен извештај од ЕК, а потоа и согласност од 27-те земји членки. Тој ја пофали одлуката на премиерот да ги посети соседните земји и да ги подобри односите со нив.

– Важно е да се најде решение за спорот за името и како да се придвижиме напред. Ако има заедничка доверба и се изградат добри односи, ние, како Европска комисија, и јас лично ќе посредувам. Треба да направиме прогрес во решавањето на овој проблем – рече Хан, додавајќи ако пристапат во разговорите со отворени погледи, може да се најде решение.

Во однос на изјавите на официјална Атина дека не отстапуваат црвени линии на Грција, Хан рече дека не треба во целата ситуација да се бараат победници и губитници, туку дека сите треба да направат отстапки за да се најде решение.

На прашањето дали за Европската комисија е прифатливо да се почнат преговори со Македонија, под привремената референца, Хан истакна дека е потребна целосна согласност од сите земји членки на ЕУ за да се почнат преговори.

На крајот, премиерот Заев истакна дека Грција е пријател на Македонија и дека се свесни дека официјална Атина може да постави блокади на секое од 35-те поглавја.

– Ако Македонија даде причина и гради добрососедски односи со Атина, ќе се создаде подобар позитивен амбиент за разговори – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...