Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш во писмена изјава го поздрави договорот кој што го постигнаа Македонија и Грција за решение на спорот за името. Тој ги поздрави сите засегнати страни за нивната решеност да му стават крај на долготрајниот спор и за покажаното лидерство.

Гутереш им честиташе на сите кои што конструктивно учествуваа во напорите што доведоа до договор. Тој му оддаде почит на својот личен пратеник, медијаторот, Метју Нимиц, за кој вели дека ги отелотворил вредностите на упорност, трпеливост и мирна дипломатија во олеснувањето на овој историски договор во текот на многу години.

Генералниот секретар ги повика сите граѓани во двете земји заедно да го придвижат процесот напред. Тој ја потврди посветеноста на Обединетите нации да ја обезбедат сета потребна поддршка, како преку неговиот личен пратеник, така и преку релевантни агенции, фондови и програми на ОН.

Гутереш е убеден дека решавањето на овој долготраен спор ќе има позитивни реперкусии во Европа и пошироко и се надева дека засегнатите страни на други долготрајни конфликти може да бидат инспирирани од овој развој и да работат без натамошно одложување кон преговарачките процеси.