!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Гугл“ го преименува плоштадот Македонија во плоштад Вардарска


       
Скопје, 10 јули, 2017 - 12:29 (META) 

Светскиот интернет-гигант „Гугл“ во својата апликација „мапи“ (Maps) го пременува големиот скопски плоштад Македонија во плоштад Вардарска.

При пребарување на компании кои имаат свои разграноци или седиште во строгиот центар на Скопје, „Гугл“ во својата мапа ви посочува каде се лоцирани и името на локацијата. За полесно снаоѓање, особено за туристите, имињата на локациите се дадени и на македонски и на англиски јазик.

Во јули минатата година, „Гугл“ им овозможи на корисниците да споделуваат и да едитираат локации за да ја подобри апликацијата „мапи“ и да ги обележи неозначените места. Сепак, локациите автоматски не се појавуваат на мапата, туку чекаат да бидат верификувани од повеќе корисници. Веројатно, англиската верзија од плоштадот Македонија е вметната од корисник на мапата, а потоа преку верификација од други корисници и без посебен надзор од „Гугл“ истата е впишана во мапата за Скопје.

Според минатогодишните податоци, повеќе од една милијарда лица ја користат апликацијата „мапи“ на Гугл и сите тие имаат можност да едитираат и да придонесуваат за развој на апликацијата.