fbpx

Груксит (Gruxit) во октомври или во јануари?

-

Изборите ќе бидат предвремени и во април 2016 година. Останува само да се договори кога и со какво образложение премиерот Груевски ќе се повлече, односно името на владата и „излезот“ на Груевски.

Дали тоа ќе биде од септември – октомври или од јануари – февруари? Колкав ќе биде „транзицискиот период“, како што го нарече еврокомесарот Јоханес Хан.

– Груевски се лаже ако мисли дека СДСМ ќе дозволи тој да предводи влада што ќе организира какви било избори во Република Македонија, вклучително и тие за кои се зборува во договорот од 2 јуни, а кои се договорени за април 2016 година – изјави вчера Петре Шилегов.

– Во април 2016 година, народот преку најсилната досега поддршка што ќе ѝ ја даде на ВМРО-ДПМНЕ, ќе им објасни на овие неработници и манипуланти … – рече, исто така, вчера премиерот Груевски.

Уште за време на 12-часовните преговори во Брисел, излегоа шпекулации дека на маса е предлог-измена на изборниот законик – три до шест месеци пред избори претседател на политичка партија да не може да ја извршува функцијата претседател на влада.

Тоа ги раздвижи политичките духови дека временскиот период на условно повлекување од функцијата премиер, дополнително ќе се преговара, и дека на власта ѝ се доволни три, додека за опозицијата се потребни шест месеци.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во вчерашното интервју за „Револуционер“, истакна дека Никола Груевски мора да се повлече најмалку шест месеци пред изборите.

– Во спротивно, сè друго паѓа во вода и ние ќе продолжиме со засилено вонинституционално дејствување сè до реализација на конечната цел, враќањето на слободата и на демократијата во Македонија – рече Заев.

„Дневник“, пак, пишува дека изборите ќе ги организира оваа влада и никоја друга.

Во прилог на оваа теза, ја дава и изјавата на премиерот дадена на прославата по повод 25 години од ВМРО-ДПМНЕ.

Во април 2016 година, народот преку најсилната досега поддршка што ќе ѝ ја даде на ВМРО-ДПМНЕ, ќе им објасни на овие неработници и манипуланти дека во денешно време не само што не подлегнува на интриги и на манипулации зад кои, во голема мера, гордо стојат актерите од деведесеттите и од транзицијата, пропаднати и корумпирани поранешни министри и директори, туку и жестоко ги казнува ваквите обиди, наплаќајќи, кажано со речник на економист, и казнена камата за сиот немир и за штетата што овие луѓе поради свои лични интереси и кариери, му ги направија на целиот народ и на државата. Оваа лекција, конечно, и дефинитивно нашиот политички опонент ќе ја научи во април 2016 година, а нивните сценаристи ќе мора да прифатат дека овде има народ, два милиона луѓе, кои размислуваат со своја глава и со свој ум, и во иднина ќе мора многу повеќе да го почитуваат – рече во саботата Груевски.

Сепак, Груевски, намерно или не, во целиот долг говор ниту еднаш не спомна која влада ќе ги организира изборите или ќе се вклопи во изразот „транзициски период“.

Во меѓувреме, белгискиот експерт Петер Ванхоуте, кој беше посредник и при договорот за настаните од 24 декември 2012 година, деновиве ќе одржи средби со партиските раководства во обид да се надминат и испеглаат разликите до средбата на 29 јуни. Според договорот од 2 јуни, до крајот на јули ќе треба да се прегледа и да се модифицира составот на Државната изборна комисија, а до крајот на септември да ѝ се дадат зголемени овластувања за да обезбеди слободни и фер избори, како и исто ниво на игра за сите партии.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...