!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски за ХРТ: Со албанската платформа е извршен државен удар во Македонија


       
Загреб, 5 март, 2017 - 21:42 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за хрватската државна телевизија ХРТ вели дека „со албанската платформа е извршен државен удар во Македонија“.

– Па, на некој начин е државен удар кога по изборите ќе се донесе платформа во друга држава, а ќе се однесува на вашата држава, во случајот на нашата држава, Република Македонија. Кога таа платформа не е изнесена пред граѓаните на избори и кога граѓаните не се согласуваат, кога таа платформа е спротивна на Уставот на државата и кога политичарот што ја прифаќа таа платформа е уценет. Граѓаните не гласаа за таа платформа, тие не знаеја за таа платформа само месец или два пред изборите дека Зоран Заев ќе прифати таква платформа, и со таа платформа мнозинството ќе се однесат во опозиција за малцинството Македонци и мнозинството Албанци во Македонија да ја донесат таа платформа. Така гледано може да се каже дека е еден вид државен удар – вели Груевски.

На прашањето зошто т.н. албанската платформа е спорна кога тој во 2008 година потпишал нешто слично, Груевски негира дека станува збор за слична работа.

– Не, воопшто не. Ова што сега се прави е спротивно на Уставот на Македонија. Се оди кон бинационална држава, се занемаруваат другите етнички заедници во Македонија, како што се Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, Хрватите, зошто да не? Така што сите се ставаат во една споредна позиција, а се фаворизира само една, се фаворизира албанската етничка заедница, а тоа се прави неуставно, тоа се прави без да се најави на изборите, со платформа потпишана во друга држава под покровителство на друг премиер, на премиерот Еди Рама. Тоа вчера беше потврдено и од една од партиите која учествуваа таму, партијата Беса, која јавно кажа дека целата идеја и целото пишување на платформата било под покровителство на државата Република Албанија – вели Груевски.

Тој негира дека целата ситуација е обид да се продолжи мандатот на СЈО и оти тоа е само еден од изговорите на СДСМ како да му објасни на народот зошто ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа ова.

На прашањето дали ја разбрал пораката од високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, Груевски вели дека „она што го кажа госпоѓата Могерини го разбравме исто како што го разбираме и тоа што го кажуваат стотици илјади граѓани на Македонија секој ден“.
Груевски вели дека постојат два излези од кризата и дека ВМРО-ДПМНЕ тоа веќе го има јавно соопштено.

– Постојат два начина да се реши кризата кои ние јавно ги понудивме. Едното е да има предвремени избори во мај, заедно со локалните, на кои Заев ќе излезе со оваа платформа, а вториот начин е Заев да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ, да се откаже од платформата, а да добие малцинска влада со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.