Груевски – Волер: 150 лица по различни основи се под директен атак на политички прогон


       
Скопје, 16 декември, 2017 - 14:41 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заедно со членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев и Александар Николоски денеска со меѓународниот секретар на Европската народна партија (ЕПП), Патрик Волер разговараа за за соработката на партијата со семејството на Европската народна партија како и за актуелните случувања во државата.

Груевски на средбата истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ е за продлабочена соработка со Европската народна партија и изразил задоволство од досегашните односи кои го покажуваат потенцијалот за развивање на понатамошните односи, а со тоа и ползување на таквата соработка за интересите на Република Македонија во остварување на нејзините стратешки приоритети како што е членството во ЕУ.

Лидерот на опозициската партија исто така го запозна соговорникот со актуелните случувања на политички и економски план. Тој посочи дека во Македонија има газење на правната држава и демократијата.

– Се врши класичен политички прогон и реваншизам на партиска основа. Се притвораат уметници само поради изразено мислење а притоа се товарат за непостоечки дела како што е тероризам. За жал стануваме држава каде наместо со демократија се владее со страв и кршење на основните човекови права, спротивно на основните европски и универзални вредности. Македонија е земја каде се прогонуваат актери, уметници, режисери, инженери и каде власта уапси 12 отсто од пратеничката група на водечката опозициска партија или 5 отсто од вкупниот пратенички состав – рече Груевски.

Тој истакнал дека Македонија станува заробена држава, а главната цел на таквиот напад е токму ВМРО-ДПМНЕ каде повеќе од 150 лица по различни основи се под директен атак на таквиот политички прогон.