Груевски: Власта води политичка хајка, нема да се појавам во суд


       
Скопје, 4 септември, 2018 - 15:45 (META) 

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска на прес-конференција во Собранието најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат под притисок.

– Ниту јас, ниту моите адвокти нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука. Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси – рече Груевски.

Тој додаде дека нему не му суди судот, туку политиката.

– Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев – додаде Груевски и се пожали и дека во петокот му бил закажан термин за седница кога сите негови адвокати учествувале на рочиште за настаните во Собранието на 27 април, а тој сам во Апелација поминал 11 часа.

Во однос на документите објавени од „Викиликс“ во кои се тврди дека тој се согласил за промена на името во Република Северна Македонија, Груевски ги оцени како „јалови обиди на власта“ и „глупости“.

– Ова се јалови обиди на власта, и веројатно ќе има уште многу вакви. Тие се сега во кампања и ќе се изнаслушаме разни глупости. Јасно е зошто сум во суд и зошто ми се случува овој класичен политички прогон и тортура. Ако се согласев со Грците друга ќе беше песната, ја сум човек со принципи и достоинство – додаде Груевски.