!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски: Со минималната плата, Владата ги залажува граѓаните на краток рок пред избори


       
Скопје, 11 септември, 2017 - 17:46 (META) 

СДСМ во трка за повеќе гласови донесе одлука и објави ветување со кое предвидуваат непродуктивен концепт на минимална плата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за време на неговата посета во Волково.

– Со овој концепт, практично ќе ги залажат граѓаните на краток период, на штета од шест месеци до година. Потоа тој концепт станува неодржлив, така што за година до две отсега ќе стане сосема јасно за каков неодржлив концепт станува збор. Имено, она што го предвидуваат е на оние фирми што имаат загуби, значи на фирмите кои имаат негативно работење, кои имаат проблеми во работењето и кои не го водат својот бизнис соодветно, во периодот од шест, односно 12 месеци делумно, Владата да им компензира одредени средства помеѓу разликата од сегашната плата и минималната плата, но не одговараат на прашањето „Што потоа?“ – рече Груевски.

Според него, компаниите ќе ја исплаќаат минималната плата, но потоа работникот ќе биде принуден да врати дел од парите, зашто поинаку таа компанија не би можела да опстане. Груевски смета дека ќе има и отпуштање на работници, како и преселување на големите мултинационални компании што дошле во Македонија.

– Ако не им се понуди некоја компензација, тие ќе си заминат, ќе одат во држава каде што комотно, по закон ќе работат и нема да бидат во ситуација да не можат да го исполнат законот. Тие не можат заради една несериозна влада и нејзината желба да ги измами граѓаните пред избори да се доведат во ситуација да направат законски престап и да губат насекаде – вели Груевски.