Груевски: Против мене се води политички процес


       
Скопје, 12 февруари, 2018 - 16:11 (META) 

Ова е политички процес против мене како и сите други обвиненија на СЈО, рече поранешниот премиер, Никола Груевски, на денешното рочиште за случајот „Тенк“, односно набавката на „мерцедесот“ од 600 илјади евра, за што покрај него, обвинети се и екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.

Реагираше судијката Добрила Кацарска, која го опомена Груевски да не зборува за политика во судница.

– Јас не би мешал политика, да не е ова политички процес. Може и новинарите да станат вештаци. Ова е брука од суд“, рече Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е негов гласот на снимките за „мерцедесот“ што го нарачувало МВР, Груевски сугерираше дека процесите против него се за да се дефокусира јавноста од другите теми.

– Гледате дека името се менува – рече Груевски.

Неговиот адвокат, Димитар Дангов побара од судијката Кацарска утре да не се одржува рочиште за случајот „Тенк“, за да може одбраната да се подготви за судењето за случајот „Траекторија“, каде Груевски е исто така еден од обвинетите.

– Ве молам судија да не се одржи утре судење за Груевски. Тој е оптоварен со нечовечко барање во 6 дена секој ден да има рочиште – побара Дангов.

Судијката го прифати барањето и следното рочиште за „Тенк“ го закажа за в петок.

Инаку, на денешното рочиште одбраната на Груевски и Јанкулоска приговараше и го спореше користењето на „бомбите“ како доказ во постапката, вештачењата, како и надлженоста на СЈО во овој случај.

Судот ги одби сите пет приговори на одбраната.