!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски: Притворањето пратеници е директно уривање на демократијата


       
Скопје, 6 декември, 2017 - 10:49 (META) 

Поранешниот премиер и лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по одложувањето на рочиштето за случајот „Траекторија“ рече дека со одредувањето притвор за шестемина пратеници се случило „директно уривање на демократијата“.

Тој упати апел до обвинителството, до судот и особено до СДСМ кој, како што рече, ставил сè под своја контрола, да го не прави тоа бидејќи претставува уривање на демократијата.

– Ова е преседан. Ова е режим. Ова е директно уривање на демократијата. Партијата што пред шест месеци не го вадеше зборот „режим“ од уста, сега директно спроведува режим и ја урива демократијата. Ова го немало ниту во 1949 година. По 16 часа да се држат луѓе со лисици на рацете и да им се одредува притвор за ништо – рече Груевски.

Прашан дали ќе биде кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на престојаниот вонреден конгрес на партијата, Груевски отпрвин не сакаше да коментира, но подзастана и за медиумите рече дека целата постапка околу вонредниот конгрес што треба да се одржи на 23 декември, како и досега, ќе биде транспарентна и јавноста за сè ќе биде навреме известена.