Груевски постави камен темелник на нова градинка во Петровец


       
Скопје, 15 август, 2015 - 14:36 (META) 

Премиерот Никола Груевски, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски поставија камен темелник на нова детска градинка во општината која ќе биде со капацитет за 80 деца. Градинката која треба да биде готова за два до три месеци, чини 15 милиони денари, од кои 10 се од буџетот на Општина Петровец, а останатите од Министерството за труд и социјална политика.

– Потребата за нови градинки е потреба на многу општини. Проблемот со наталитетот претставува голем проблем за Европа и Република Македонија. Владата на Македонија спроведува мерки со цел да ги поттикне родителите да имаат повеќе деца и да ги прошират своите семејства. Оттука за нас претставува големо задоволство фактот што во повеќе места во земјава постепено почна да се јавува потребата за отворање на нови градинки, што значи дека се раѓаат повеќе деца, а државата се подмладува и дека ќе има на кого да го оставиме сето она што го создаваме денес – рече Груевски.

Премиерот денеска е во посета на општините Петровец и Илинден каде ќе изврши увид во изградбата на канализациона мрежа во индустриската зона Ќојлија, ќе пушти во употреба канализационен систем и пречистителна станица во населеното место Кадино во општина Илинден и ќе изврши увид во градежните активности за изградба на амбуланта и за реконструкција на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Миладиновци.