fbpx

Груевски од Ѓорче Петров најави „нова ера на просперитет и на достоинство“

-

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот митинг во скопската општина Ѓорче Петров најави дека Коалицијата за подобра Македонија ќе донесе нова ера на просперитет, исполнети ветувања, одговорност, достоинство и на заедништво.

Груевски истакна дека во изминатите четири месеци, граѓаните се сведоци на „помрачување во сите форми“, како што се незаконско работење, незаконски назначувања и разрешувања, незаконски тендерски постапки, а ги спомена и инцидентите за време на изборната кампања.

– Секојдневна демонстрација на сила и на насилство. Кривични пријави за повеќе од десет кандидати за градоначалници. Пукања и ранети кандидати за градоначалници. Претепување на кандидати со прачки и со боксови – рече Груевски, додавајќи дека МВР се претвора во партиска испостава.

Тој истакна дека Владата секојдневно говори за реформи, но дека во реалноста нема ништо спроведено од најавеното.

– Секојдневни обиди, минорните работи да се прикажат како нешто што ќе нè збогати и ќе ни го промени животот. Од типот, радиодифузна такса која сè уште се плаќа, евтина струја која сè уште ја нема, погледнете си ги сметките сега, овие денови стигаат сметките за струја, видете дали ви се намалени сметките и дали е почнато да има евтина струја – рече Груевски.

Лидерот на опозициската партија рече дека Владата со штетни договори за Македонија гради пријателства, односно дека им овозможува на соседните земји по нивен терк да ја менуваат македонската историја и оти ќе дозволи да го сменат името на државата, името на јазикот, името на нацијата.

Тој на крајот истакна дека предизборните инциденти се показател дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинската гаранција за демократијата и оти граѓаните на Македонија не се обврзани да го толерираат, како што рече, помрачувањето.

Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, пак, Владо Мисајловски, се осврна на синоќешниот пожар во неговата семејна куќа, велејќи дека без разлика што изгорела до темел, тој е среќен човек затоа што неговите родители се живи и здрави и оти има многу пријатели.

– Само снајпери горе ќе ме запрат, ништо друго. Ни тоа нема да ме запре. Ѓорче ќе победи, ќе победи советничката листа, ќе победи Градот Скопје, ќе победи ВМРО-ДПМНЕ во цела Македонија – рече Мисајловски, додавајќи дека неговите политички противници имаат три проекти, односно „воздух, ветер и магла“.

Мисајловски најави асфалтирање на повеќе од 100 улици, обнова на уличното осветлување и продолжување на гасификацијата, која ја почнала владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вети дека ќе понуди урбанизација на нова населба, каде младите ќе можат да градат куќи на земјиште чија цена е едно евро за еден квадратен метар и порача дека нема да дозволи да се изделуваат локации за мигранти, туку за млади брачни двојки од Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...