Груевски не го чита „Економист“: Најсиромашните најбрзо напредуваат на листата „Дуинг бизнис“


       
Скопје, 29 октомври, 2015 - 11:28 (META) 

Премиерот Никола Груевски, на прес-конференција, извештајот „Дуинг бизнис“ го нарече „нов и значаен успех за државата“ и рече дека тој „потврдува дека сме лидери за водење бизнис во регионот, во Европа и во светот“. Според премиерот, успехот на Македонија во извештајот „се должи на спроведување на реформите за подобри услови за работа на приватниот сектор, за подобрување на бизнис-климата, животниот стандард, за креирање работни места“.

Наспроти изјавите на Груевски, пред еден месец, угледниот неделник „Економист“ даде сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци, односно дека поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

Јазот меѓу рангирањето на листата на „Дуинг бизнис“ и просечниот приход е многу голем, како што се случува во Македонија, или, на пример, Руанда, пишуваше неделникот.

За споредба, еве ги еден до друг изјавите на Груевски и анализата на „Економист“:

Што кажа Груевски за „Дуинг бизнис“:

Што напиша „Економист“ за „Дуинг бизнис“:

Рангирањето на Македонија на високо 12. место во извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) е нов и значаен успех за државата, смета премиерот Никола Груевски.

Тој истакна дека поради добрата бизнис-клима и непречените услови за водење бизнис, извештајот ја рангирал Македонија на 6. место за водење бизнис, каде што во конкуренција се најразвиените земји во Европа.

– Ова потврдува дека сме лидери во регионот, во Европа и во светот. Се наоѓаме пред етаблирани економии и развиени земји. Пред 24 земји-членки на ЕУ и далеку пред земјите во регионот. Високиот ранг е резултат на сработеното – изјави Груевски.

Колку за споредба, тој истакна дека на листата пред 10 години сме биле на 94. место, а денешниот успех се должи на спроведување на реформите за подобри услови за работа на приватниот сектор, за подобрување на бизнис-климата, животниот стандард, за креирање работни места.

Груевски истакна дека Владата макотрпно работела на изградба на современи институции, донесување модерна регулатива, законско намалување на бирократијата и на поедноставување на процедурите.

– Македонија е втора земја по Нов Зеланд каде што е најлесно да се отвори фирма. За два часа, со една постапка и не е потребен капитал и нотарска заверка на документите – додаде тој.

Премиерот зборуваше и за повластените стапки на ДДВ на голем број услуги, задржување на најниските даноци и за време на економска криза.

– Порано 43,5 проценти од профитот одеше за данок, а сега таа стапка е четирипати пониска. На тој начин остануваат повеќе ликвидни средства за компаниите кои подобро знаат да ги искористат од државата – изјави Груевски.

Процедурите за увоз и за извоз, исто така, според премиерот, се олеснети, а тоа е резултат на континуираните реформи во царината и на поевтинувањето на царинските услуги, скратување на царинските постапки.

Премиерот истакна дека потврдата доаѓа од релевантна институција која имала директна соработка со домашните компании, консултанти и институции, кои ја мереле состојбата на терен.

Извештајот, според премиерот, е добар сигнал за инвеститорите кои го сметаат за релевантен при носење одлуки за инвестиции.

Угледниот меѓународен неделник „Економист“ со седиште во Лондон, со неделен тираж од 1,5 милиони примероци на седум континенти, дава сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) на Светската банка, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци.

Имено, поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

За да добијат поповолно место на листата, овие држави се склони кон странски директни инвестиции или помош, што, доколку стане цел на политиката на една влада, не е сигурен начин за водењето на националната економијата.

Притоа, како што пишува „Економист“, не се земаат предвид важни елементи на бизнис-климата, како што се безбедност, корупција, големина на пазарот, финансиска стабилност, инфраструктура и знаење.

Македонија, според „Дуинг бизнис“, е помеѓу највисоко рангираните земји во леснотијата на водење бизнис, подобрувајќи го рангирањето од 31. место минатата година (пресметано според новата методологија) на 30. место во последниот извештај, објавен на 29 октомври 2014 година.

„Показателите за мерење“ за оваа листа се нецелосни. Слабоста на извештајот, според „Економист“, се гледа и во тоа што за него не се анкетирани бизнисмените.
Сиромашните земји имаат тенденција да имаат повеќе правила, но пречка е што голем дел од нив не можат да се спроведат. А, токму донесувањето регулатива и закони во согласност со европските, најчесто е главниот критериум според кој „Дуинг бизнис“ ги рангира државите.

– Кога строги правила се спроведуваат од страна на слаба држава, фирмите на кои се однесуваат ќе најдат начин како да избегаат од црвената линија – оценува „Економист“.

Јазот меѓу рангирањето на листата на „Дуинг бизнис“ и просечниот приход е многу голем, како што се случува во Македонија, или, на пример, Руанда.

Руанда е рангирана десет места погоре од Италија и покрај тоа што е една од најсиромашните земји во светот.