!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски: Народот има воздух и живот, оти ги дава Господ, а не СДСМ


       
Скопје, 29 септември, 2017 - 20:54 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг во скопската општина Бутел порача дека СДСМ напразно дава ветувања за живот и за чист воздух, оти тие ги давал Господ, а не владејачката партија, која ја поистовети со Итар Пејо.

– Ќе донеле живот. Во Бутел ќе донеле живот. Што да ви кажам. Ќе донеле воздух, како во приказните со Итар Пејо, со Насредин Оџа, каде што продаваа разно разни работи на народот со разно разни итроштини, така и овие нашиве што се сега на власт, ќе продаваат воздух на народот. Народот има воздух, народот има живот, животот го дава Господ, а не СДСМ – изјави Груевски.

Тој рече дека СДСМ една третина, па и една половина од говорите ги посветуваат да навредуваат, да плукаат, да го омаловажуваат него, неговите соработници и ВМРО-ДПМНЕ.

– Кога плукате по некоја партија и по некои личности што создале, што изградиле, што направиле, треба да сте свесни дека е исто како плукате нагоре, плунката ви се враќа врз вас, врз главата. Тоа ќе им се случи на нив на 15 октомври од овој народ кој што знае и гледа, што тоа ние направивме во изминатиот период. Само нека продолжат да не плукаат и навредуваат, ние нив нема да ги навредуваме, нема да ги плукаме, затоа што народот гледа, народот е свесен, народот прави разлика и на 15 октомври е свесен дека тогаш е неговиот миг, тогаш е неговата моќ, не пред тоа, не потоа – рече лидерот на најголемата опозициска партија.