!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски: Мигранти ќе се сместуваат долж јужната граница и ќе чекаат државјанства


       
Струга, 28 септември, 2017 - 19:14 (META) 

Додека бевме на власт, од нас беше побарано да примиме 150.000 мигранти и да им дадеме државјанства. Ние не се согласивме на тоа, но некој друг се согласи и затоа ја направија Стратегијата за бегалци, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот во Вевчани.

Тој рече дека затоа во 20 општини граѓаните барале да се одржи референдум за мигрантите, а власта тоа го забранила.

– Владата со декрет го забрани референдумот зашто народот ќе ја кажеше вистината дека нивните општини немаат економска моќ и капацитет да вдомат 150.000 лица. По локалните избори се планира да се направат бегалски кампови долж јужната граница за да се сместат мигрантите додека не им се дадат државјанства – рече Груевски.

Тој додаде дека власта на секој можен начин оди против волјата на граѓаните, затоа што како што кажа, не е донесена од народот.

– Освен навреди и омаловажување, тие не нудат ништо или нудат нешто апстрактно. На пример, нудат живот како да сме сите мртви, нудат воздух како да го немаме итн. Не случајно, во овој период толку криминалци се пуштија од затвор. Опонентите се слаби и исплашени. Тие знаат дека по регуларен пат изборите ќе ги изгубат, па затоа се надеваат дека ќе победат со криминалци. Но, нема да дозволиме да ни ја украдат победата – додаде Груевски.

Груевски кажа дека за овие четири месеци додека власта на секој чекор работела незаконски, се однесувала насилно и работела против волјата на народот, во ВМРО-ДПМНЕ работеле на зацврстување и реорганизација на партијата.