!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски им се пожали на амбасадорите дека власта ги злоупотребувала институциите


       
Скопје, 12 октомври, 2017 - 19:53 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска имал средба со амбасадорите на САД, на државите членки на Европската Унија и на НАТО во земјава, на која од страна на партијата било посочено дека во текот на кампањата се забележени низа прекршувања на изборниот процес, физички инциденти, демолирања на штабови, како и злоупотреба на државните ресурси во партиски цели.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува во соопштението, било истакнато дека е неминовно „власта да престане со злоупотребите на државните институции за да се запази демократијата“.

„Од страна на ВМРО-ДПМНЕ исто така беше истакната потребата од спроведување на фер и демократски избори, за што е потребен зголемен ангажман на државните институции. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане посветена во заложбата за спроведување на фер и демократски избори и создавање на демократски амбиент за сите учесници во изборниот процес. ВМРО-ДПМНЕ е убедена дека претстојните локални избори мора да бидат по највисоките стандарди, за Република Македонија да продолжи да чекори по патот кон ЕУ и НАТО“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Ова е втора средба на Груевски со амбасадорите во пресрет на локалните избори. На 19 септември, тој со членови на извршниот комитет на партијата имаше средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија и со претставници на ОБСЕ/ОДИХР, на која, меѓу другото, побара „Владата активно да се ангажира за создавање демократски амбиент за одржување на локалните избори“.