!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груби – Вајгл: Посветено работиме, очекуваме и ЕУ да го испорача ветеното


       
Брисел, 7 декември, 2017 - 11:07 (META) 

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања и пратеник од ДУИ, Артан Груби, за време на неговата дводневна посета на Брисел се сретна со европратеникот, Иво Вајгл, кој е известувач за Македонија во Европскиот парламент.

На средбата Груби истакнал дека Македонија ја цени досегашната поддршка на ЕУ на политички и на економски план, но побарал да се валоризираат напорите на државата за реализирање на бараните реформи со отстранување на условената препорака и со добивање датум за преговори за прием во ЕУ.

– Парламентарното мнозинство, но и граѓаните на Македонија, со посветеност работат на исполнување на очекувањата од Брисел и очекуваме дека и пријателите од Европската Унија догодина ќе испорачаат во согласност со нашите стремежи – рече Груби.

Во врска со подготовката на годишната резолуција за напредокот на Македонија, во Комисијата за надворешна политика – АФЕТ – на Европскиот парламент, како нејзин известител, Вајгл истакнал дека извештајот ќе биде афирмативен, но и дека е потребен, пред сè, политички, граѓански и етнички консензус за заедничко дејствување во спроведувањето на ЕУ-реформите, при што како приоритетни ги посочи судските реформи и реформите од корпусот на владеењето на правото.

Вајгл ја прифатил поканата да учествува на регионалната конференција организирана од Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија во февруари следната година.