fbpx

Грците ќе може да вадат само 60 евра дневно, мерката нема да се однесува на туристите

-

Грчкиот финансиски систем од денеска е замрзнат. Во текот на денешниот ден банките и банкоматите ќе бидат целосно затворени. Банките ќе останат под клуч до вторник, а граѓаните ќе може да извлекуваат пари од утре само од банкоматите. Дневниот лимит на пари што може да се повлечат од банкоматите е само 60 евра.

Грчката држава извести дека дневниот лимит на средства што може да се извлекуваат од банкоматите нема да влијае на туристите. Мерките не се однесуваат на странски картички, односно оние со картички кои не се од Грција ќе може да прават трансакции или да извадат средства колку што дозволува нивната банка.

Сепак, работите се очекува да бидат отежнати ако се земат предвид огромните редици граѓани кои со часови чекаат да извадат пари и брзото празнење на банкоматите.

За да им се излезе во пресрет на граѓаните, додека трае контролата на банките, јавниот транспорт во државата од утре до 6 јули ќе биде бесплатен за сите.

Контролата на банките и на капиталот се воведува како превентивна мерка за да не колабира финансискиот систем во државата. Во текот на викендот се проценува дека се извлечени повеќе од 1,5 милијарда евра, јасен сигнал на паника ако се земе предвид дека обично за викенди се извлекуваат 30 милиони евра во цела Грција.

Вкупно 2.191 банкомат од вкупно 5.449 веќе не функционираат. Мерката се воведе откако Еврогрупата одлучи да не го продолжи финансискиот пакет за Грција, кој истекува во вторник. Премиерот Алексис Ципрас, остро критикувајќи ја оваа одлука како обид да се уценат и да се заплашат граѓаните, побара од европските институции да размислат одново за продолжување на пакетот додека граѓаните не се изјаснат на референдум.

Освен со запирањето на приливот на средства од европските институции, Грција утре се соочува и со рокот за исплаќање рата од долгот кон ММФ.

Од грчка страна сè уште се надеваат дека референдумот ќе ги „вразуми“ Европејците и ќе ги натера да дојдат до компромис кој ќе ги земе предвид грчките барања и можности.

Европратеникот на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, говорејќи за вонредниот Самит на ЕУ закажан за среда, забележа дека доколку европските партнери покажат волја, може да се постигне компромис и да се избегне грчки излез од еврозоната.

„Самитот на ЕУ во среда може да доведе до компромис и до избегнување на „Грексит“ (Grexit). Ако постои волја, постои и начин“, истакна Пападимулис.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...