!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Грција очекува да се намали бројот на бегалци на островите од април догодина


       
Атина, 26 декември, 2016 - 10:37 (META) 

Во април следната година ќе почне постепеното намалување на бројот на бегалците од островите, најави грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас. Во интервју за грчкиот весник „Авги“, Музалас го посочува преголемиот број на бегалци и на мигранти на островите како еден од најголемите проблеми и предизвици за грчката влада од бегалската криза, заедно со потребата за добра интеграција на бегалците во грчкото општество.

Музалас се надева дека напролет ќе почне да се спроведува и договорот со Европската Унија за месечно преместување на 200 до 2.500 луѓе од грчките острови во европските држави, што ќе помогне да се подобри ситуацијата на островите, како за луѓето во бегалските кампови, така и за грчката влада, која во моментов се справува со повеќе од 60.000 бегалци низ целата територија на земјата. Сепак, островите остануваат една од најболните точки од бегалската криза за Грција.

„На островите имаме многу тешка ситуација поради преголемиот број луѓе и квалитативната промена на оние кои доаѓаат, бидејќи мнозинството од нив се економски мигранти кои имаат цел да продолжат кон други европски држави“, вели Музалас.

Тој додава дека последните месеци оние кои доаѓаат на островите го користат трикот да бараат азил за да не се вратат во Турција, а во исто време не сакаат да останат во Грција и штом дојдат на грчко тло, бараат начин преку шверцерите да заминат кон некоја друга европска држава.

Според грчкиот министер, еден од најголемите предизвици за владата е интеграцијата на бегалците во општеството пред сè поради големите проблеми со невработеност во државата поради финансиската криза. Сепак, според Музалас, неопходно е владата да најде начин сите луѓе кои ќе останат во Грција да најдат некаков вид на работа и да станат дел од општеството.

Друг клучен проблем во моментов е справувањето со лошите временски услови. Илјадници бегалци живеат во камповите во кои има само тенки шатори и пластични контејнери без никакво греење, иако временските услови се особено сурови оваа зима во Грција. Музалас ветува дека до 15 јануари сите бегалци ќе бидат преместени во подобри услови, каде ќе имаат греење и подобра медицинска помош.