Грејната сезона може да почне порано од 15 октомври


       
Скопје, 29 септември, 2016 - 14:24 (META) 

Дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“ од 1 октомври ќе почне со секојдневни ладни проби на системот за топлинска енергија, а целта е да се подготви и да се провери целосно системот за топлинска енергија за претстојната грејна сезона, информираат од компанијата.

– Имајќи предвид дека доколку се случи пад на температурата, грејната сезона може да почне порано од 15 октомври, проверката на системот преку ладните проби ќе овозможи навремено отстранување на сите евентуални пречки што ќе се појават во текот на овие проверки – велат од Дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“.

Според последните податоци за временската прогноза, во текот на следната недела се очекува значаен пад на температурата.

Од компанијата ги повикуваат потрошувачите навреме да ги завршат почнатите интервенции во внатрешната инсталација, да обезбедат непречен пристап за екипите на компанијата до топлинските станици и постојано напојување со електрична енергија на топлинските станици, со што ќе се овозможи нивно непречено функционирање.