!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Грчкото собрание одобри нов пакет мерки за штедење


       
Атина, 19 мај, 2017 - 9:44 (META) 

Со 153 гласа „за“, грчкото собрание го одобри новиот пакет мерки договорен со меѓународните кредитори, со што се отвора пат за исплаќање на новата рата од грчкиот кредит. Против мерките беа 128 пратеници од опозицијата, а пакетот, кој дел од грчките медиуми го претставуваат како четврти меморандум за штедење, го поддржаа само пратениците од владејачките партии СИРИЗА и Независни Грци.

На гласањето му претходеше тензична атмосфера, кавги и жестоки дискусии меѓу владата и опозицијата. Опозициските партии строго го критикуваа премиерот Алексис Ципрас за некомпетентност и за ново оптоварување на граѓаните.
Со новиот пакет мерки се одобруваат нови стегања на ременот за платите и за пензиите, но и одредени „антимерки“, односно мерки за помош на социјално ранливите категории, кои грчката влада ќе може да ги преземе доколку ги исполни одредените фискални цели договорени со кредиторите.

Грчката влада се надева дека со одобрувањето на овој пакет кредиторите конечно ќе го стават на маса прашањето за кратење и за реструктуирање на грчкиот долг. Премиерот Ципрас по гласањето испрати директна порака до кредиторите дека Грција го исполнила својот дел од договорот и дека топката сега е кај кредиторите, кои, како што изјави, редно е да ги исполнат своите ветувања.

„Со резултатите од гласањето Грција го одржува својот дел од договореното и топката сега е кај кредиторите. Нивен ред е да ги исполнат ветувањата како што направивме и ние. Чекаме и имаме право еврогрупата да донесе одлука за уредување на грчкиот долг која ќе биде во согласност со жртвите на грчкиот народ“, истакна Ципрас.

Паралелно со тензичната атмосфера во собранието, жестоко беше и пред него, за време на граѓанските протести. Мала група маскирани демонстранти ја нападнаа полицијата со молотови коктели и предизвикаа краткотрајни насилни инциденти. На гласањето му претходеа дводневни протести на вработените во јавниот и во приватниот сектор, во знак на незадоволство од одлучноста на владата да се прифатат нови мерки што би имале нови финансиски последици за граѓаните.