fbpx

Грчкото собрание изгласа нов пакет мерки за штедење

-

Со 152 гласа „за“, грчкото собрание го одобри новиот пакет мерки што ќе го отвори патот за исплаќање на нови 2,8 милијарди евра од европскиот кредит за Грција. Пакетот мерки опфаќа формирање на проширен фонд за приватизација и за стопанисување со државни компании, во кој ќе бидат вклучени компанијата за електродистрибуција, водовод и водостопанство, атинското метро и компанијата за изработка на автомобили и автобуси ЕЛБО, укинување на даночните поволности за самовработените, како и нови пензиски намалувања за одредени групи пензионери.

Против мерките беа 141 пратеник од опозициските Нова демократија, ПАСОК, Река, Комунистичката партија, Златна зора и Унија на центристи. Поддршката за мерките дојде само од пратниците од владејачката коалиција на СИРИЗА и на Независни Грци. Од нив не гласаше само еден пратеник, кој беше отсутен од здравствени причини.

Изгласувањето на мерките се чинише дека нема да помине откако двајца пратеници на СИРИЗА изјавија дека нема да го поддржат законот за трансфер на државните компании во новиот фонд за приватизација со објаснување дека не дозволуваат водата да биде приватизирана. Кусо по нивната најава, интервенираше директно кабинетот на премиерот Алексис Ципрас и неколку министри кои успеаја да ги убедат да гласаат едногласно со другите пратеници на СИРИЗА и на Независни Грци.

Најконтроверзна од изгласаните мерки, која предизвика големо превирање и расправии меѓу владата и опозицијата, беше вклучувањето на државните компании за вода и за струја во новиот фонд за приватизација. Против мерката реагираа и вработените во овие компании, кои вчера прогласија 24-часовен штрајк и протестираа пред собранието за време на гласањето за мерките, со јасна порака дека нема да дозволат водата и струјата, кое се основно право на секој граѓанин, да одат во странски раце.

Грчкиот министер за финансии, Евклидис Цакалотос, се обиде да ги увери и вработените и опозицијата дека водата и струјата нема да бидат приватизирани, додавајќи јасна измена во изгласаните закони дека ќе останат во државни раце и истакнувајќи дека овој фонд ќе служи за подобра проценка и за управување со државните компании за да се обезбеди нивно поефикасно работење. Меѓутоа, договорените услови со европските кредитори јасно посочуваат дека секоја компанија што ќе биде дел од фондот може да се продаде или да се даде на користење на трети лица.

Гласањето помина во тензична атмосфера со постојани судири и меѓусебни обвинувања меѓу владата и опозицијата околу продавањето државни компании и процедурата за доделување нови телевизиски концесии откако еден од новите концесионери се повлече поради немање доволно финансии да ја отплати првата рата за фреквенцијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...