Грчките медиуми ја обвинија турската новинска агенција за пропаганда


       
Атина, 7 март, 2018 - 17:19 (META) 

Напис објавен од турската новинска агенција „Анадолија“ ги зовре денеска грчките медиуми, кои обвинуваат за „скопска невладина пропаганда за геноцид врз Македонците во Грција пласирана од турската агенција“.

„Анадолија“ денеска објави текст „Македонските невладини организации ја обвинуваат Грција за геноцид” потпишан од Бајрам Алтуг од Женева, Швајцарија, во кој пишува дека група макeдонски невладини организации, во знак на протест против преговорите околу спорот со името помеѓу Македонија и Грција, упатиле барање до грчката влада да се извини поради геноцид, военото злосторство и злосторството против човештвото извршени од 1913 година досега врз македонското малцинство во земјата.

Агенцијата вели дека тоа стои во заедничкото соопштение на женевските претставништа на Македонско меѓународно движење за човекови права, Обединета македонска диаспора, Светскиот македонски конгрес, како и Македонската координативна мрежа.

„Македонскиот народ веќе не може да ја поднесе неправдата пред се на Грција, Обединетите нации (ОН), Европската унија (ЕУ), и на НАТО“, се вели во заедничкото соопштение за „Анадолија“.

Грчките медиуми, го пренесуваат текстот со наслови, како „Скопска невладина пропаганда преку турска новинска агенција“ на „Катимерини“, „Неверојатна провокација: Скопските НВО ја обвинуваат Грција за геноцид врз „Македонците“ на „Елефтерос типос“ и „Неверојатно: Скопските НВО ја обвинуваат Грција за … геноцид врз „Македонците“ на „ИЕфимерида“.

На веб-страницата на Македонското меѓународно движење за човекови права не е објавено барањето од невладините, туку само врска до написот на „Анадолија“ на англиски јазик. Во Фејсбук-групата Светски македонски конгрес, чиј администратор е Тодор Петров, нема објавено такво соопштение. На веб-страницата на Обединета македонска дијаспора исто така не е објавен таков проглас.

Во текстот на „Анадолија“ се вели оти во соопштението се наведува дека „македонскиот народ е принуден да преговора за името, етничкиот идентитет, националниот идентитет, јазикот и историјата во замена за членство во ЕУ и НАТО, и се тврди дека за прв пат во историјата на човештвото се соочува со таков случај“.

„За запирање на овој културен геноцид, Македонците ширум светот кои ги застапуваат милиони лица во Македонија, се обединети во насока на иста цел. Тие бараат поддршка од сите народи во светот за спречување на овој криминал. Со спорот со името измислен од страна на грчката влада, постои цел да се продолжи и да стане интернационална стогодишната политика на одбивање на етничкиот идентитет на македонското малцинство во земјата. Соочувајќи се со минатото најмалку еднаш, грчката влада треба официјално да признае и да побара извинување за геноцидот, воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од 1913 година досега врз македонското малцинство во Грција “, се наведува во соопштението пренесено од „Анадолија“.