fbpx

Грчките десничари денеска избираат нов лидер на Нова демократија

-

Симпатизерите на грчката десничарска партија Нова демократија денеска го избираат својот нов лидер. По месеци перипетии, изборно фијаско, внатрешни скандали и несогласувања, членовите на најголемата опозициска партија денеска гласаат на вториот круг на внатрепартиските избори.

Трката е меѓу поранешниот претседател на парламентот и привремен лидер на партијата, Евангелос Меимаракис, и поранешниот министер за реформи и дел од политичкото семејство Мицотакис, Кирјакос Мицотакис.

Двајцата опоненти во суштина имаат слична политичка идеологија, дека партијата треба да биде центро-десничарска и проевропски ориентирана. И обајцата остро ја одбиваат идејата за каква било соработка и за коалиција со владата на СИРИЗА и на Независни Грци. Останува да се види дали во изборот ќе преовлада караманлистичкото крило, кое индиректно се знае дека го поддржува Меимаракис, или идејата да се избере помлад, пореформистички насочен лидер, кој, сепак, со себе го влече политичкиот багаж на семејството Мицотакис.

Новиот лидер се очекува да ги залечи раните што се креираа во неколкумесечниот изборен период и одново да ги обедини сите членови и симпатизери на партијата, вртејќи нова страница и давајќи нова насока за партијата.

Предизборните бројки му даваа предност на Меимаракис, кој по оставката на Андонис Самарас неколку месеци ја водеше Нова демократија, соочувајќи се и со предвремените септемвриски избори, на кои партијата не успеа да се избори и да излезе пред СИРИЗА на Алексис Ципрас. Дали ќе победи умереноста на Меимаракис или, пак, волјата за свежите реформи и новиот лик на Мицотакис, ќе се знае вечерва околу полноќ, штом се пребројат гласовите од цела Грција.

Мнозинството грчки медиуми ги третира овие внатрешни избори на опозициската партија речиси како парламентарни, давајќи им огромна тежина и оценувајќи ги како клучни за политичката иднина на државата.

„Изборите вртат нова страница за Нова демократија, но и за сите политички случувања во државата“, пишува неделникот „Прото тема“, додека „Катимерини“ вели: „Денешните избори ќе направат пресврт на целата политичка сцена и ќе го одбележат враќањето на Нова демократија како силна опозициска партија“.

Големите загуби поради финансиската криза и замореноста на граѓаните од послушното спроведување на мерките на европските кредитори, минатата година ја турнаа Нова демократија и тогашниот лидер Андонис Самарас од владејачката позиција во опозициското столче.

Партијата има потреба од нов кадар, со чисто политичко досие, наспроти сите политички и финансиски скандали со кои се поврзуваат дел од нејзините постари членови.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...