fbpx

Грчкиот народ растргнат меѓу оптимизмот за договор и најавите за банкрот

-

Во Грција владее вистински хаос од измешани изјави, најави, оптимизам и песимизам за тоа дали државата е поблиску кон договор или кон работ на банкрот. Грчката влада, полна амбициозен оптимизам, најавува дека до следната недела ќе биде постигнат договор со ЕУ, кој ќе ја осигури финансиската стабилност на државата. Меѓународните кредитори излегуваат со сосема спротивни изјави, истакнувајќи дека никаков договор не е на повидок и дека Грција има уште долг пат и многу работа што треба да ја заврши за да се постигне договор.

Шефицата на ММФ, Кристин Лагард, во изјава за германска телевизија, посочи дека нема никаков суштински резултат од досегашните преговори меѓу Грција и меѓународните кредитори, но изрази увереност дека Атина ќе може да ги исполни своите обврски и на почетокот на јуни да ја плати ратата од долгот кон ММФ. Целата грчка влада, пак, излегува со поинакви ставови, тврдејќи дека ако не викендов, тогаш од понеделник дефинитивно ќе биде постигнат и потпишан договорот за финансиска помош на Грција. Владата во Атина тврди дека веќе го гледа светлото на крајот на тунелот и верува дека на 3 јуни ќе се стави крај на преговорите со меѓународните кредитори.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера уверено изјави дека Грција е на чекор од договор, кој ќе биде позитивен за грчката економија. Тој истакна дека иако има притисоци и различни информации кои може да ја извртуваат реалната слика, грчката влада без никакви проблеми ќе ги исплати новите плати и пензии и во договорите нема да дозволи да бидат погазени црвените линии што гарантираат подобра финансиска иднина за народот.

– Сакам да го уверам народот дека преговорите ги осигуруваат условите на безбедност и на стабилност на грчката економија. Денеска и утре ќе се исплаќаат најнормално платите и пензиите, иако четири месеци извесни страни постојано креираат лажни информации и се закануваат дека во секој момент ќе се распадне грчката економија. Оптимист сум дека наскоро ќе имаме позитивни резултати – изјави Ципрас по состанокот во Министерството за финансии. Грчкиот премиер беше дециден дека новиот договор конечно ќе потврди дека сите прогнози и предвидувања за грчка катастрофа се само голема лага.

Од грчката влада најавуваат дека договорот нема да има рецесивни мерки, ниту, пак, услов за кратење на платите и на пензиите, а ќе опфати и зголемување на најниската плата и тоа во две фази.

Независно од изјавите на Ципрас и уверувањето од сите грчки функционери, поголемиот број грчки медиуми и понатаму јавуваат дека Грција е растргната меѓу оптимизмот и најавите за банкрот, истакнувајќи дека од ниту една страна во Брисел, Вашингтон и во Германија не се потврдува грчкиот оптимизам, а напротив, се праќаат силни пораки дека грчката влада мора да покаже расположение за компромис и добро да ги разгледа европските барања за што поитно да се постигне напредок.

Оцените во Грција се дека Ципрас игра на картата на политичко решение и тактизира во таа насока, но нејасно е колку таа стратегија ќе успее во моментите кога германскиот министер Волфганг Шојбле, Лагард и другите тврдат дека грчката влада мора да направи отстапки за да се даде зелено светло за договор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...