fbpx

Границата е отворена, но само за бегалци чија дестинација е позната

-

Делот на македонско-грчката граница кај кота 59 е повторно отворена за влез на бегалците кои преку западно-балканаската рута транзитираат кон земјите од Европската унија (ЕУ), потврди за „Мета“ Министерството за внатрешни работи (МВР).

– Од вчера попладне, јужната граница е повторно отворена за влез на бегалци и состојбата е редовна. Се пропуштаа оние странски државјани на кои во документите издадени во Грција е наведена крајната дестинација, односно земјата кон која патуваат во Европската унија – ни изјави Дејана Недељковиќ од секторот за односи со јавноста на МВР.

За отворената граница попладнево јавија и грчките медиуми. Весникот „Та неа“ пишува дека иако границата повторно е отворена, контролата е дополнително засилена и македонските граничари пропуштаат само бегалци што ќе одат во Австрија или Германија.

Според грчките информации, бегалците што немаат официјална белешка во која стои дека планираат да бараат азил во Германија или Австрија, нема да може да влезат во Македонија и оттаму да патуваат за ЕУ.

Од МВР не можеа да ни ја потврдат информацијата дека се дозволува влез само на бегалците што патуваат за Австрија и Германија. Оттаму остануваат на изјавата дека во документите „мора да биде наведена крајната дестинација, односно земјата од ЕУ каде патуваат“.

Грчките граничари, како што пишува „Та неа“, сметаат дека оваа одлука е донесена под влијание на другите северноевропски земји. Како што пишува весникот, тие барале на документите што им се издаваат на мигрантите да се наведе конечната дестинација, односно државата во која планираат да заминат и да бараат азил.

Поранешниот евроамбасадор во земјава, Ерван Фуере, во својата денешна колумна за порталот „Балкан инсајт“ посветена на последните политички случувања во земјава, како една од причините за драматичниот пресврт во односот на Европската комисија кон актуелната владејачка структура и поддршката за изборите на 24 април, ги наведува индикациите за договор помеѓу ЕК и Владата во врска со мигрантската криза.

„Постојат индикации дека е има договор меѓу Европската комисија и Владата, во кој е вклучена обврската за зголемени напори во справувањето со протекот на мигранти, како и потези за решавање на спорот за името со Грција во замена за поддршката на ЕУ за изборите во април“, пишува Фуере во својата колумна.

Во неутралната зона Идомени сè уште има околу 1.000 бегалци кои чекаат да ја напуштат Грција и да се упатат кон ЕУ.

Во кампот и понатаму се пропуштаат само бегалци од Сирија, Ирак и од Авганистан.

Во вторникот оваа недела, на барање на Словенија за редуцирање на бројот на бегалци поради дефект на тамошната железница, македонските власти ја затворија границата со Грција и го запреа протекот на мигранти.

Иако ова беше официјалното објаснување, во Грција се создаде вознемиреност дека целиот случај може да е однапред договорено сценарио за затворање на границите, по најавите на германските и на австриските власти дека се размислува да се намали бројот на бегалци што ќе бидат примени во Европска унија.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...