Граѓански организации побараа департизација и професионализација на Антикорупциска


       
Скопје, 12 март, 2018 - 15:12 (META) 

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска со писмо упатено до Собранието и Владата, како и до Државна комисија за спречување на корупција (ДКСК) и до политичките партии, побара воспоставување професионално тело за антикорупција, кое ефективно, независно и со висок интегритет ќе ги спроведува постапките за спречување на корупцијата во Република Македонија.

Платформата повикува на промена на актуелниот модел за избор на членовите на ДКСК, кој ќе се базира на компетентност и интегритет, без партиски влијанија, преку јавен распит на кандидатите во Собранието.

„Бараме претставници на граѓанското општество активно да учествуваат во распитот и да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК. Исто така бараме како приоритет да се поведе постапка за преиспитување на моделот на институција за борба против корупцијата, и формирање на институција која ќе ги задоволи меѓународните стандарди за независност, ефикасност и неселективност во работењето“, се вели во повикот.

Граѓанските организации посочуваат дека „во изминатите десет години ДКСК наместо да се занимава со корупцијата на високо ниво, помеѓу носителите на политички функции, своите активности ги насочуваше кон одредени случаи на „ниска“ корупција на администрација“.

Тие реагираа и затоа што оваа комисија учествувала во притисокот што тогашната власт го почна кон крајот на 2016 година врз организациите што беа критички настроени кон неа.

„Наместо да ги испитува центрите на моќ кои ја заробија државата, ДКСК кон крајот на 2016 година, поттикната од лидерот на политичката партија на власт, побара од Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи (УЈП) и Управата за финансиско разузнавање врз 21 здружение и фондација да вршат долготрајни детални контроли на финансиско-материјалното работење. Оваа активност претставена како контрола на наводно незаконско работење всушност претставуваше притисок над оние кои ја остваруваат својата улога на коректив на власта“, се вели во повикот.