Граѓанската акција „Ние одлучуваме! Бараме промени! Можеме подобро!“ во текот на вчерашниот ден организираше акции и перформанси во Куманово, Гевгелија и во Струмица.
Тимови на граѓански активисти можеа да се забележат на најфреквентните локации низ градовите. Тие дискутираа со жителите за нивните проблеми и за тоа колку е важно сите да излезат на предвремените парламентарни избори кои се закажани за 11 декември оваа година.
Шарениот камион на граѓанската акција „Ние одлучуваме!“ кружеше низ улиците на градовите, а од опремата што ја превезуваше се слушаа аудиопораки со апел до граѓаните масовно да излезат на претстојните избори, да гласаат по сопствено убедување и волја и да пријават каква било злоупотреба на институциите, како закани, заплашувања и притисоци врз избирачите.
Активистите на граѓаните им делеа бесплатен примерок од граѓанскиот весник „Ние одлучуваме“.
Весници се делеа и во Тетово, Ресен и во Кратово.