fbpx

Граѓаните повлекле рекордни 58,5 милиони евра од банките во април

-

Граѓаните повлекле рекордни 58,5 милиони евра (3,6 милијарди денари) од банките во април годинава, што е 1,6 отсто од вкупните депозити на населението. За ова денеска информираше гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, на редовната средба со банкарите во Стопанска комора на Македонија.

– Народната банка интервенираше со 77 милиони евра на пазарот. Повлекувањето на оваа огромна сума на пари од страна на граѓаните беше реален стрес-тест за банките, кои поради добрата ликвидност, капитализација и високо ниво на девизи, успеаја да се справат со кризата – додаде Богов.

Ваквото масовно повлекување средства од страна на граѓаните беше поврзано со шпекулациите за наводна девалвација на денарот и со вештачки создадената криза на менувачкиот пазар на девизи.

Според гувернерот Богов, за разлика од кризите во 2001 и во 2008 година, кога исто така имало капитално одлевање на парите од банките надвор од државата, денес овие пари на граѓаните се во државата, односно се под перница и во сефови, за кои, како што рече, исто така, била зголемена побарувачката.

За повлекувањето пари од страна на фирмите, пак, гувернерот Богов истакна дека тие не зависат од сегашната ситуација.

– Кај фирмите, повлекувањето и враќањето пари е нестабилно од месец во месец, за разлика од движењата на парите на граѓаните, кои се стабилни. Може да се случи, фирмите еден месец да повлечат три милијарди денари, другиот да ги вратат – истакна Богов.

Тој информираше дека ситуацијата на пазарот се стабилизира, а мерките кои Народна банка ги донесе, меѓу кои и зголемување на референтната каматна стапка за 0,75 проценти, ќе важат до целосно стабилизирање на ситуацијата.

Претседателот на Здружението на банкарството при Стопанска комора на Македонија, Коста Митровски, истакна дека постои тренд на враќање на средствата во банките каде што се креираат нови орочени депозити.

Тој апелираше до штедачите што ги повлекле заштедите, да ги вратат во банките каде што се најсигурни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...