fbpx

Градоначалниците од Атина реагираат на носењето на мигрантите од Идомени

-

Расчистувањето на Идомени и пренесувањето на голема група мигранти од грчко-македонската граница во Атина, создаде нови главоболки за грчката влада и за министерот за внатрешни работи и за миграција, Јанис Музалас.

Четворица градоначалници од јужните предградија на Атина, каде привремено се сместени мигрантите, реагираат против оваа одлука и бараат да не се дозволи нивните населби да станат ново Идомени. Поконкретно, градоначалниците на општините Алимос, Глифада, Елинико и Палео Фалиро, сите покрај брегот на Егејско Море кој лете е омилена дестинација за сончање на голем број атињани и туристи, бараат од Музалас да се откаже од идејата неколкуте спортски сали и стариот аеродром „Елинико“ да станат ново прибежиште и камп за мигрантите.

Работите за Музалас ги отежнува и неговото отворено признание дека немаат конкретен план што да прават со економските мигранти од Пакистан, Авганистан, Бангладеш, кои од Идомени се вратени во Атина поради немањето дозвола да преминат во Македонија, а потоа и кон Западна Европа.

Градоначалниците во писмо до Музалас коментираат дека се загрижени од одлуката мигрантите да се сместат на оваа локација, особено поради лошиот степен на организација и немањето добра подготовка од страна на владата за справување со овој случај. Коментираат дека иако им било ветено уште во октомври дека ќе се затвори стариот аеродром за мигранти и оние кои се сместени таму ќе бидат префрлени во друг простор, тоа ветување не е остварено.

„Нема да дозволиме просторот на стариот аеродром да се трансформира во магацин на загубени души бидејќи не исполнува услови за сместување луѓе. Нема да дозволиме стариот аеродром да стане место за живеење на економските мигранти кои не добиваат право на влез во Скопје и во Европа, наместо за сириски бегалци“, велат градоначалниците во писмото до грчкиот министер.

Од Музалас се бара објаснување кој ќе ја гарантира безбедноста на општините, како ќе се внимава на заштита на јавното здравје во момент кога се згрижуваат илјадници луѓе во простор што не исполнува услови за сместување и за живеење, кој ќе плати за издржување на мигрантите и како ќе се евидентираат мигрантите и како точно ќе се разделат бегалците од другите.

Досега во Атина од Идомени се префрлени околу 2.300 мигранти кои немаат дозвола да преминат од Грција во Македонија, а паралелно во грчката престолнина пристигнуваат постојано нови бегалци од грчките острови.

За ситуацијата реагираше и атинскиот градоначалник, Јоргос Каминис, кој се сретна и со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос. Каминис остро ја критикуваше идејата Атина да се преплави од бегалци и од мигранти без можност сите да ги згрижи и да им помогне.

„Нема да прифатам да се повторат феномените од 2012 и од 2014 година кога луѓе без основни услови за живот талкаа и ја преплавија Атина, предизвикувајќи проблеми во функционирањето на градот“, посочи Каминис по средбата со Павлопулос.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...