!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Градоначалникот на Прилеп осуден поради несовесно работење


       
Прилеп, 19 август, 2017 - 16:39 (META) 

Основен суд Прилеп го осуди градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески на парична казна од 36.900 денари, заради сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Истовремено, прилепскиот градоначалник е задолжен, на име надомест на штета на Општина Прилеп да и исплати 238.750 денари.

На Ристески му е изречена и алтернативна мерка, односно условна осуда казна затвор во траење од 3 месеци.

„Градоначалникот Ристески е прогласен за виновен затоа што во периодот од 18.07.2015 година па до 06.10.2016 година како службено и одговорно лице во Општина Прилеп, со несовесното постапување во вршењето на своите овластувања и должности не обезбедил правилна и законита заштита на сопственоста на Општината, односно не ја осигурил од штети зградата на Општина Прилеп. Со тоа, градоначалникот Ристески на Општина Прилеп и нанесол штета во износ од 238.750 денари, која настанала за време на одржаните протести од група граѓани во текот на месеците април, мај и јуни 2016 година“, се вели во пресудата.

На пресудата реагираше и градоначалникот Ристески кој вели дека „штетата на општинската зграда ја предизвикаа други лица за време на „Шарена револуција“, од кои треба да се бара одговорност.“

„Основниот суд Прилеп без да спроведе постапка во која што би ги соочиле аргументите, го потврдил налогот доставен од Основно јавно обвинителство Прилеп, иако истиот е апсурден и на него имам изјавено приговор, така што одлуката на судот се смета како воопшто да не била донесена. Убеден сум дека по спроведувањето на постапката во Судот ќе се докаже дека сум целосно во право. Штетата на општинската зграда ја предизвикаа други лица за време на „Шарена револуција“, од кои треба да се бара одговорност. Јас како градоначалник на Општина Прилеп имам обезбедено заштита на сопственоста на Општината“, се вели во реакцијата на Ристески.